КолумниНовости

Дали со репресивните мерки ќе се разгори веќе запалениот гнев кај работниците?

   Време за читање 4 минути

Бобан Илијевски

Една од најактуелните теми којашто се отвори изминатава недела и за која имаше низа на реакции од страна на синдикатите и невладините организации се предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести до Владата на Р. Македонија. Предложените мерки се однесуваат на тоа сите вработени во јавниот сектор во локалната самоуправа, за да се појават на работа треба да приложат потврда за најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, направен на сопствен трошок или потврда за прележан Ковид, не постара од 45 дена.

Министерот за здравство Венко Филипче, којшто ги соопшти мерките, рече дека препораката е и приватниот сектор да ги имплементира истите. По неколку часа, Стопанската Комора на Северна Македонија одржа прес – конференција на којшто беше кажано дека Комората поднела иницијатива во Владата за применување на слични мерки за вработените во приватниот сектор.

Од Комората бараат вработените да прикажат потврда за примени најмалку две дози на вакцина, сертификат за прележан Ковид во последните шест месеци или негативни антигенски тестови, доколку одлучи работодавачот за тоа. Притоа, трошоците за тестирањето, според нив, треба да бидат на товар на вработените. Сепак, за да бидам објективен морам да нагласам дека побарале од Владата да направи и интервенција во Законот за трговија и да ја ограничи цената на антигенските тестови, за да истата не расте, поради големата побарувачка.

Со реакција излегоа и од Сојузот на стопански комори коишто прво се оградија од тоа дека тие побарале да се воведат репресивни мерки, потенцирајќи дека изјавата која ја дал Филипче во однос на тоа не е точна. Нивен став е дека вакцинацијата треба да биде личен избор, како и дека наместо репресивни, би требало да се воведат стимулирачки мерки.

Од друга страна, синдикатите предупредија дека доколку Владата се одлучи да ги прифати овие мерки, ќе применат радикални синдикални мерки. Во превод тоа значи протести и штрајкови. Од Министерството за здравство реагираа на предупредувањето на синдикатите, во конкретниот случај, на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, велејќи им го следното: „Протести или други форми на изразување на незадоволство против мерките се демократско право, но исто така се спротивни на здравствените препораки кои доаѓаат од светските здравствени институции“. Мислам дека самата изјава треба добро да се анализира, со оглед на тоа дека содржи доза на иронија. Можете самите да процените зошто велам иронија…

Имено, аргументите на синдикатите се дека мерките ги прекршуваат човековите права и дека вакцинацијата треба да биде личен избор.

Голем број на други синдикати и организации за заштита на работничките права излегоа со реакции, кои во најголем дел беа слични.

Некои организации, како невладината „Гласен Текстилец“ испратија порака до Владата дека ако се донесат овие мерки, ќе ги дадат на Уставен суд, поради тоа што со истите се прави дискриминација и се прекршуваат човековите права. 

Она што исто така отвори голема дебата е тоа што според мерките, тестовите за Ковид – 19 треба да бидат на трошок на работникот. Мое лично мислење е дека и во јавниот, но и во приватниот сектор, трошоците за тестовите треба да бидат на работодавачите, а не на работниците. Работниците не побарале сами да се тестираат, туку тоа им се наметнува, па оттаму логично би било тој којшто го вовел правилото, да треба да ги покрива трошоците. Навистина нема смисла на работници коишто се на минимална плата да им се наметнуваат дополнителни трошоци. 70 % од вработените во приватниот сектор се приматели на минимална плата, додека во јавниот сектор 80,000 вработени работат за 15,200 денари. Самото ова кажува дека не држат вода мерките, за кои и мое лично мислење е дека треба да се повлечат. Воедно, истите се предложени без да се направат анализи или пак прво да се воведат стимулативни мерки, како што воведоа другите држави во Европската унија.