ЕкономијаМакедонија

Дали треба фискалните апарати во Македонија да се заменат со мобилни телефони ?

Бобан Илијевски 

Србија најави дека од 1 ноември ќе воведе нов систем на фискализација кој вклучува и промена на фискалните уреди, а тоа значи дека и мобилните телефони ќе можат да се користат како апарати за фискални сметки. Новиот систем ќе важи за повеќе од 100 сектори, а Владата на нашиот северен сосед се надева дека преку новиот систем ќе успее да ја намали сивата економија. Исто така компаниите нема да подлежат на никакви трошци, бидејќи сето тоа ќе биде субвенцонирано од државата. 

Порталот Работник испрати прашања до Владата во однос на тоа дали овој систем може да се спровде и во Македонија и дали истиот би функционирал. 

Од таму рекоа дека постојниот систем за регистрирање на готовински плаќања (фискализација) во Р. Македонија кој е воведен од 2014/2015 година е преку фискални системи на опрема која се состои од фискална апаратура (каса) и интегриран автоматски систем за управување преку кој касата комуницира со системот на Управата за јавни приходи. 

„Имено, постојните каси на трговците се веќе поврзани и секојдневно електронски преку мрежата на мобилните оператори комуницираат со Управата за јавни приходи при што автоматски пренесуваат податоци во вид на дневен финансиски извештај“, велат од Владата. 

Посочија дека врската што се создава со управата за јавни приходи преку ГПРС (GPRS)  системот е постабилна врска, за разлика од интернет врската, потенцирајќи дека апратите коишто ги користат обврзниците се посигурни, бидејќи истите подлежат на контрола и проверка на нивните функционални и технички карактеристики од страна на овластени независни и акредитирани правни лица, пред апаратите да бидат одобрени од УЈП и Министерството за финансии. 

Од Владата нагласија и дека ги следат тековите и дека во претстојниот период би се работело на подобрување на постојаниот систем со цел поголеми придобивки за државата и обврзниците.  

Инаку, во соседна Србија, новиот фискален систем нема да важи за многу мал број на професии, а меѓу нив се такси превозниците, адвокатите и продавачите на работа од сопствено производство. 

За кого е важи фискалниот систем во Македонија?

Во Македонија, според Законот за регистрирање на готовински плаќања, обврската да се воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, не се однесува на: 

– даночни обврзници кои данокот од доход за приходите од вршење на дејност го плаќаат според паушално утврден нето приход, освен таксистите;
– лицата кои не се трговци за прометот на непререботено и сопствено земјоделско производство што го вршат на тезги на пазари, како и надвор од пазарите;
– физички лица кои издаваат под закуп стамбен или деловен простор;
– лицата кои вршат дејности во објекти што се наоѓаат во населени места со број на жители под 300 луѓе и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места со исклучок на туристички
места;
– лицата кои вршат улична продажба на весници и списанијаколпортерска продажба;
– лицата кои вршат улична продажба на лозовите што се употребуваат при приредување на игрите на
среќа од типот инстант лотарија како и на картичките што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот томбола;
– лицата кои извршуваат континуиран промет, за кои издаваат сметки и за кои се предвидени
последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго).
– продажба на добра или услуги преку автомати за продажба кои работат со монети и книжни пари.