КолумниНовости

Дали ќе бидеме принудени да се преквалификуваме за да можеме да најдеме друга работа?

   Време за читање 2 минути

Структурата на невработеност во Македонија, несоменено е дека се менува. Во првите три месеци од 2021 година, поголема невработеност бележат лицата над педесет години, а младите бележат помала невработеност. Но, прашањето гласи, дали е тоа поради фактот дека младите и во ек на пандемија се иселуваат, дали нашле работа или пак преминале во неактивно население, односно не се регистрираат во Агенцијата за вработување. Моето мислење е дека намалувањето на невработеноста кај младите, во принцпи најмногу се должи на нивната емиграција, но и на тоа што се се евидентираат во Агенцијата за вработување.

Голем проблем претставува и тоа што, постарите од 55 години бележат зголемување на невработеноста, бидејќи тие многу тешко можат да се интегрираат назад во пазарот на трудот. Зошто? Од причина што дигитализацијата си го направи своето, зафатувајќи ги речиси сите работни места. Од друга страна, на постарите лица им е многу тешко да стекнат дигитални вештини, па и поради тоа за нив е потешко да конкурираат на пазарот на труд.

Не знам колку од лицата на возраст над 50 години би сакале да се преквалификуваат или доквалификуваат, но мислам дека ќе бидат принудени тоа да го направат. Побарувачката за работна сила го воведе тоа барање, па доколку сакаше да останеш во чекор со конкурентноста ќе мораш да се прилагодиш на компентенциите коишто ги бараат работодавчите. На пример, најголемиот дел од новите возила се веќе компјутеризирани, а со самото тоа и механичарите треба да имаат познавање од компјутерските системи на автомобилите за да можат да ги попрват. Ние знаеме кај нас дека најголемиот дел од механичарите се уште работат со клучеви и штрафови и сите тие традиционални алатки, но бидејќи автомобилите веќе се компјутеризирани, механичарите ќе треба да ги унапредат своите вештини и знаења, за да останат конкурентни.

Во светот се предвидува дека 2030 година 100 милиони работници или 1 од 16 работници, ќе бидат принудени да најдат друго занимање, бидејќи некои од веќе постоечките занимања или ќе исчезнат, како резултат на пандемијата од Ковид – 19.

Што ќе се случува понатаму на пазарот на трудот, можеме само да претпоставуваме, но се повеќе станува јасно дека голем број од работниците ќе бидат принудени да се преквалификуваат или доквалфикуваат за да можат да опстојат на пазарот на трудот.

Автор: Бобан Илијевски