МакедонијаПравда

Дебарските гимназијалци ќе учат онлајн, протести на настава со физичко присуство во Моноспитово и Иловица

Дебарската гимназија попушти, гимназијалците од „28 Ноември“ утринава седнаа пред своите компјутери и ја почнаа наставата онлајн.

Дводневниот бојкот бил прекинат бидејќи од надлежните дошло предупредување дека здравјето на учениците ќе биде под ризик ако се води настава со физичко присуство, вели директорот на училиштето Рамадан Имери.

Проблемот со гимназијата во Дебар се реши, но не стивнуваат бојкотирачки тонови на учениците од Струга и Куманово кои не сакаат онлајн настава. На улица повторно ќе излезат и основците од Тетово и Македонска Каменица.

Министерката за образование Царовска е децидна дека со бојкот не се постигнува ништо.

Премиерот Заев денеска обзнани дека десетина подрачни основни училишта добиле зелено светло од Владата за да одржуваат настава со физичко присуство.

Последните бројки велат дека над 620 училишта добиле дозвола за настава со присуство на учениците од училишните клупи. Во 78 проценти од училиштата без проблеми се одвива онлајн наставата, а кај останатите 20-тина проценти се јавуваат одредени проблеми со Интернет конекцијата и ИТ-опремата, но надлежните уверуваат дека работите се надминуваат тековно.

Сојузот на средношколци, пак, никако не отстапува од барањето за комбинирана настава. Доколку не се исполни ова, повторно ќе излезат на протест.

Протест за настава со физичко присуство во училиштата во селата Моноспитово и Иловица

Со протест пред основните училиште „Борис Трајковски“ во село Моноспитово и „Свети Кирил и Методиј“ во село Иловица, општина Босилово, родители побараа нивните деца да се вратат во клупите и тоа не само до трето, туку сите до деветто одделение.

Според родителите, училиштата ги исполнуваат сите услови за настава според протоколите.

-Сметаме дека нашето училиште ги усполнува условите за физичко присуство. Нека дојдат повторно од министерството и комисијата уште еднаш да проверат. Немаме услови децата да учат од дома, но и да имаме бараме децата да посетуваат настава со физичко присуство. Доколку не ни се одобри присуство во училиштата, тогаш ќе продолжиме со протестот и нема да ги пуштаме на настава и децата од прво до трето одделение, рече Ангела Стоева, родител од село Иловица.

Со исто барање се и родители од селото Моноспитово, каде денес протестираа по втор пат.

-Одобрено е присуство на учениците од прво до петто одделение, но истото го бараме и за останатите до деветто одделение, рече Елисавета Барбутова, родител од село Моноспитово.

Директорката на ОУ „Свети Кирил и Методиј“ од село Иловица смета дека ги направиле сите неопходни подгототовки за почеток на наставата со физичко присуство, но не добиле дозвола и покрај тоа што два пати биле посетени од претставници на Државниот просветен иснпекторат.

-Тие дадоа позитивно мислење во однос на подготвеноста на училиштето за организирање на настава со физичко присуство на учениците во училиштето. Сметаме дека ги исполнуваме условите за таков вид настава и затоа бараме уште еднаш да биде разгледано нашето барање и да ни одобрат физичко присуство на учениците, рече директорката Софија Митрова.

Инаку, во основното учиште во село Моноспитово настава посетуваат 130 ученици од прво до деветто одделение, а во село Иловица 211.