Дејностите кои заедно застапуваат 40,000 луѓе бараат Владата да ги исполни нивните барања
14 месеци туристичко – угостителскиот сектор се бори со предизвиците кои ги создава кризата предизвикана од пандемијата и недоволната и ненавремената поддршка, велат од Туристистичко – угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија која денеска својот протест го префрли од Министерството за финансии, пред Владата на Р. Македонија.
„Затоа претпријатијата тешко се справуваат и се повеќе се губат работни места и престануваат со работа деловните субјекти поради немање деловна активност. Најголем број од претпријатијата од овие сектори користејќи ја својата способноста и ангажирајќи ги сите расположливи ресурси, досега наоѓаа начин да преживеат, но веќе сите алтернативи се исцрпени“, велат од ТУК.
Од таму потенцираат дека без вистинска и континуирана поддршка нема спас за овој сектор, нагласувајќи дека со протестите пред Министерството за финансии и денеска пред Владата, угостителите од рестораните, кафулињата, ноќните клубови, рестораните за свадби, вработените во туристичките агенции и игротеките, танцовите и балетските студија, туристичките водичи, сметководителите кои заедно застапуваат околу 40,000 луѓе побараа да се исполнат барањата за поддршка кои се веќе доставени до Владата.
„Веруваме дека средствата кои се предвидени во шестиот пакет на економски мерки можат да помогнат и да ги ублажат штетите со кои се соочува туристичко-угостителскиот сектор, ако се имплементираат на соодветен начин. Имајќи во предвид дека постапките и процедурите за нивна имплементација се уште не се познати, бараме пред имплементацијата да се земат во предвид и нашите барања, бидејќи тие произлегуваат од реалните потреби на најпогодените сектори“, велат од ТУК.
Највија дека во наредните денови ќе им дадат простор на надлежните органи да постапат согласно нивните барања, а по Велигденските празници ќе излезат со нов план за активности, доколку нема никакви промени во ставовите на надлежните.
Како што истакнаа, туристичките агенции подобрување на состојбата во која моментално се наоѓаат гледаат во обезбедувањето на неповратна помош за секоја лиценцирана агенција; ваучерите кои ќе се доделуваат од мерката „Дома си е дома“, задолжително да се користат преку туристичките агенции кои ќе можат во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам и рокот на ваучерите кои се издадени од туристичките агенции според Одлуката на Влада за нереализираните патувања во 2020 година, да се продолжи до 31.12.2022 година.
Посочија дека од нивните три барања, првото е делумно усвоено, при што се уште не се познати условите и методологијата за распределба, за да се знае дали мерката ќе има било каков ефект.
Барањата на угостителите се: еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година; еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти, на кои повеќе од една година им е забрането да ја извршуваат примарната дејност со уредба на Влада и кои, како што велат, со месеци немаат никаква помош. Побараа и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, се додека не се создадат услови за работа.
Подвлекоа дека една мерка е делумно усвоена под поинакви критериуми со процент на приходите од 2019 и 2020 година, но без да се информира јавноста за методологијата и кои се критериумите кои секое претпријатие ќе треба да ги исполни за да аплицира, нагласувајќи дека повторно е нејасно дали и какви ефекти ќе има оваа мерка.
И сметководителите испорачаа барање за директна финансиски помош, нов Закон за вршење сметководствени работи и системско пролонгирање на роковите за годишни сметки и даночни пријави. Во комуникација со институциите во деновите додека трае протестот е добиен позитивен одговор за барањето поврзано со Законот за вршење на сметководствени работи како и за системско одложување на роковите за годишни сметки и даночни пријави. Делумно е прифаќањето на барањата а за останатите се очекува одговор од институциите. Неповратна финансиска помош е потребна и за преживување на игротеките, туристичките водичи, танцовите и балетски студија.
„Поддршката што до сега доделена, не е доволна со оглед на рестрикциите во стопанството и принудните забрани за работа, затоа сред пандемија треба да се помогне на секој кому тоа му е тоа потребно. Поради неможноста за работа, нарушената ликвидност и доспеаните обврски, за многу претпријатија доведено е во прашање нивното опстојувањето, но и егзистенцијата на цели семејства кои работат во овие сектори. Остануваме отворени и достапни за надлежните институции за сите потребни консултации и во таа насока јавно бараме средба со министрите во влада кои ги водат економските ресори, Фатмир Битиќи, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши“, порачаа од протестот.
Од владата уверуваат дека пари за новиот пакет има и ќе бидат поддржани сите кои се најпогодени. Ќе бидат помогнати 12 сектори во кои има 10 илјади компании со 60 илјади вработени. Целиот пакет тежи 17,8 милиони евра.
Комисијата за заразни болести препорача од среда да се отворат летните тераси на кафулињата. За време на рестриктивните мерки, угостителите имаа можност да вршат достава и да работат по принципот „to go“, односно да ги послужуваат клиентите, но тие да бидат надвор од објектот.
Бобан Илијевски

