Еве зошто ги делам на работодавачи и газди
Апсурдно е да очекувате државата да ги зголеми платите во приватниот сектор, бидејќи нема такви овластувања. Не само државата Македонија, туку било која држава во Европа. Единствено нешто што може да направи е да воведе минимална плата и да обезбеди да се почитуваат законските прописи преку Инспекторатот за труд.
Работодавачите би требало сами да ги зголемуваат платите, согласно стандардите на индустријата во која оперираат и трошоците на живот. Знам дека кај нас не сите компании се држат до овие и останатите параметри кога се работи за зголемување на платите, но мислам дека тоа веќе започнува да се менува поради недостигот на работна сила. Сепак:
Доколку не сте задоволни од платата за која моментално работите, мое мислење е да пробате да преговарате со вашиот работодавач за поголема плата. Ако ви рече дека не може моментално да ви ја покачи платата, но за одреден период ќе може да ви излезе во пресрет, тогаш би било добро да почекате. Ако ви рече дека нема шанси да добиете зголемување, бидејќи нема можности, тогаш би требало да го направите следниот логичен чекор – да побарате подобро платена работна позиција.
Мора сите да сфатиме дека така функционираат работите во капитализмот. Некои од вас коишто ќе го читаат ова нема да се согласат, но јас не го велам она што ми одговора, туку едноставно работите се така поставени од самиот капитализам.
Верувам дека многумина го знаат ова, но еве за тие што не знаат – државата е работодавач на вработените во јавниот сектор, па оттаму може да одлучува за платите на овие вработени. Во приватниот сектор работодавачи се приватниците па, за жал, во голем дел, платите на работниците зависат од нивната волја. Компаниите кои работат согласно сите законски прописи и сакаат вработените да останат да работат кај нив, им ги зголемуваат платите согласно трошоците на живот, им даваат бонуси и дополнителни бенефити.
Значи, од една страна ги имаме газдите – оние кои работниците ги третираат како потрошена роба и најчесто кога ним им е ќеиф ги зголемуваат платите, а од друга страна ги имаме работодавачите (лидерите) кои ги гледаат работниците како соработници и даваат максимум за да им го дадат она што им следува според сите законски правила и дополнително се трудат да ги стимулираат согласно можностите во индустријата во која работат. Тие знаат дека работниците се најважните ресурси, особено талентираните и работливите, па вложуваат во нив знаејќи дека вложуваат и во себе.
Иако вториве моментално се во многу помал број од првите, работите се менуваат и доаѓа времето кога газди ќе има помалку од работодавачи.

