МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

„ЗАКОНОТ ЌЕ БИДЕ КАТАСТРОФАЛЕН ПО РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА, ВЛАДАТА ВЕДНАШ ДА ГО ПОВЛЕЧЕ“

Предлог Законот за плати во јавен сектор беше повод денеска да се одржи синдикална школа која беше во организација на Синдикатот на клинички центар.

На истата, свои излагања имаа универзитетските професори по трудово право Лазар Јовевски и Александар Ристовски, како и правникот Стојан Трајанов, човек кој има учествувано во изработката на Законот за работните односи.

На школата учествуваа и Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Благоја Ралповски, Шефот на кабинетот на Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, како и претседатели на грански и други помали синдикати.

Во текот на настанот изјави за медиуми дадоа Ралповски и Трендафилов.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски посочи дека излагањата на професорите и експерти по трудово право покажало дека со Предлог Законот за систем на плати се руши синдикалното организирање и се прекршуваат конвенциите на Меѓународната организација на труд.

„Преку овој Закон се обидуваат да ги рушат правата за кои беа потребни децении да се стекнат, преку поништување на колективните договори“, рече Ралповски.

Во контекст на овој закон, објасни Ралповски, и другите закони кои се од областа на трудовото право – Законот за работни односи и новиот Закон за административни службеници – се гледа дека очигледно намерата на Владата е да ги укине правата на синдикатите, во делот на платите во колективните договори.

Шефот на кабинетот на Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека денеска сите синдикати сложно се борат против лошите владини политики во делот на системското решение за кратење на платите на вработените во јавниот сектор и за укинување на колективните договори.

„Ние како ССМ изминатата година гласно говоревме за тоа дека Владата има намера да ги укине сите колективни договори и да ги сведе сите работници на минимална плата“, рече Трендафилов.

Тој посочи дека ваквото законско решение не смее да помине, бидејќи ќе биде катастрофално по работничките права и ќе биде преседан од огромни размери во Европската унија, па и пошироко.

Апелираше дека Владата треба веднаш да го повлече Законот.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk