Закрепнување на економијата до 2022 година, но што до тогаш?
Дел од бизнис секторот не е задоволен од пакет мерките коишто Владата досега ги донесе за помош на бизнисот и работниците, додека дел смета дека најмногу им помогнала мерката преку која им се исплаќаше минимална плата по вработен, зависно од тоа колку се погодени компаниите, скалесто од 14,500 денари до 21,776 денари.
Бобан Илијевски
Во интервју за порталот Работник, Претседателот на Индустриската комора при Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски истакна дека системот на пакет мерките од стартот е дизајниран на неповолно ниво, нагласувајќи дека во други држави бил организиран на тој начин што во дадени моменти, кога се чувствувал речиси целосен пад на економијата, се исплаќале минимални плати во одредени проценти (од 50 %, па до 100 %) по вработен во одредени дејности, без притоа да има никакви предуслови.
Во Македонија, истакна тој, процедурите биле со тешки алгоритми и комплицирана процедура. Според мислењето на комората, како што рече Ангеловски, еден добар дел од компаниите не аплицирале и не ги користеле мерките, додека оние коишто можеле да ги искористат се пожалиле дека процедурата е навистина сложена.
Тој нагласи дека можело и на многу поелегантно ниво да се дизајнираат пакет мерките и да имаат далеку поефикасно дејство.
Ставот на Владата на РС. Македонија е дека досегашните шест пакет мерки во голем дел помогнале да се зачуваат работните места и да се помогне на бизнис секторот, нагласувајќи дека доколку има потреба, Владата ќе креира и седми пакет антикризни мерки, за што, како што велат од таму, има пари во буџетот и нема да биде потребно да се направи ребаланс на истиот.
Од друга страна пак, бизнис секторот укажува на тоа дека ќе биде потребен седми пакет мерки, особено за индустријата и трговијата, но и за најпогодените сектори, како туристичко – угостителскиот сектор. На текстилниот сектор седмиот пакет мерки ќе му биде најмногу потребен, со оглед на тоа дека се уште има рестрикции во државите од Западна Европа, каде што македонските текстилни фабрики ги извозуваат нивните производи. Веќе има фабрики коишто поради неможноста да функционираат и да ги подмират своите обврски, се принудени да ги отпуштат работниците.
Бизнис секторот гледа надеж за опоравување и во вакцинацијата, но се додека не се вакцинира масовно, економијата ќе трпи последици од здравствената криза.
Кога се очекува опоравување на економијата?
Ангеловски вели дека тоа зависи од процентот на вакцинацијата и враќањето во некои нормални рамки. Според него, еден од најголемите проблеми е рестрикцијата на движењето, односно тоа што робата не може да отпатува во Европската унија, ниту во светот.
„Се додека не се врати слободата на движење на луѓе, стоки и капитал, не можеме да се надеваме на позначително опоравување. Сега моментално работиме во полузатворен систем, функционираме електронски и на дистанца“, рече Ангеловски.
Смета дека оној стариот начин кој бил пред пандемијата имал одредена ефикасност и интенцијата е да се врати тој систем, за да може да се покаже вистински перформанс во работењето, посочувајќи дека се зависи од здравствената состојба.
Истакна дека сите очекувале дека опоравувањето ќе се случи оваа пролет и нагласува дека бројките се намалиле, но вели дека состојбата ќе се санира и ќе започне да се враќа во нормала дури следната година.
Потенцираше дека оваа година ќе живееме како претходната, но со одредено релаксирање.
Прогнозата на Европската унија, пак потврдува дека закрепнувањето ќе се случи дури идната година и предвидува Македонија да оствари раст на Бруто домашниот производ за 3,7 %.
Слична стапка на раст, од 3,8 %, се очекува и во 2022 година, прогнозира Европската комисија во Пролетните економски прогнози кои се објавени вчера.
„Во текот на 2021 и 2022 година, закрепнувањето се очекува да ја врати цврстата основа. Растот на реалниот БДП во просек би бил 3,7 отсто“, стои во прогнозата.
За јавните финансии се предвидува нивно подобрување во согласност со економското закрепнување и постепеното укинување на фискалната поддршка. Со укинувањето на рестриктивните мерки, трошењето на домаќинствата се предвидува да се зацврсти и да забрза во 2021 и 2022 година, поддржано со понатамошно зголемување на платите, вработеноста и зголемување на дознаките. Инвестициите се очекува да растат. Закрепнувањето на странската побарувачка од Германија и од Кина, ќе го поттикне растот на извозот.
Според Светка банка, нивото на БДП во Македонија може да се врати на нивото пред кризата, бидејќи минатата година имаше пад од 5,1 %, додека годинава се очекува раст од 3,6 %, а следната година 3,7 %.
Од Светска банка очекуваат ниво на БДП во Македонија како пред кризата до 2023 година.
Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска – Бежоска посочи дека се очекува целосно закрепнување на македонската економија, при што и натаму целосното враќање и надминување на преткризното ниво се очекува во 2022 година.
Што велат податоците на Народна банка?
Во дел од извештајот на Народната банка за макроекономските проекции, објавен на 7 декември 2020 година стои:
И покрај шокот предизвикан од пандемијата, надворешната позиција на економијата останува стабилна. Во однос на тековната сметка, оваа година се очекува дефицит од 3,7% од БДП, што претставува мало проширување во однос на претходната година, движено од помалиот суфицит кај приватните трансфери. Имено, мерките за ограничување на вирусната инфекција и рестрикциите во меѓународното движење на луѓето доведоа до изразен пад на дознаките во готовина, делумно ублажен од пренасочувањето на девизните приливи преку формалните канали. За следниот период се очекува мало проширување на дефицитот во размената на стоки и услуги, при закрепнување на извозот, но и поголеми увозни притисоци во услови на подинамична економска активност. Од друга страна, нормализацијата на состојбата со пандемијата се очекува до доведе до постепен раст на приливите од дознаки. Во вакви околности, дефицитот во тековната сметка ќе остане умерен на ниво од 2,6% од БДП во 2021 година, и се оценува негово намалување на 1,6% од БДП во просек во следниот период.
Додека во однос на економската активност во истиот извештај е наведено:
Во согласност со ваквиот контекст, при понеповолно надворешно окружување, но и послаби остварувања во првата половина на оваа година, најновите проекции упатуваат на пад на економската активност од 4,9% во 2020 година и постепено закрепнување со интензитет од 3,9% и 3,6% во следните две години. Со ова, направена е надолна ревизија на проекциите на растот во однос на април, што претставува последица на подолготрајноста на пандемијата и нејзиното влијание врз сите пунктови на економијата. Закрепнувањето на економската активност во 2021-2022 година се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, којшто релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка.

