Земја на неостварени соништа и желби и восхитување на туѓиот (не)успех
Колумна на Бобан Илијевски
Да бидеш работник во Македонија значи да работиш, а притоа да немаш да го преживееш месецот. Да штедиш максимално, броејќи ги секојдневно парите коишто ти преостанале за да имаш во предвид што можеш да купиш. Работникот во Македонија, за жал е социјална категорија, кој прима валута која се повеќе губи вредност, додека цените се повеќе растат. Еј замисли, работиш осум и повеќе часа дневно, а притоа не можеш да си овозможиш пристоен живот. И после учениците не сакале да учат, а повозрасните губеле волја за живеење во оваа држава. Е, ќе губат. Дали е логично да вложиш толку труд во учење и стекнување на вештини, а за тоа да не ти биде возвратено? Згора на тоа, уште ти наоѓаат маани и ти велат дека не сакаш да работиш, а ти си имал своја замисла, си инвестирал во истата за да ти се оствари, за да на крајот да завршиш на некое работно место каде што нема да бидеш среќен и исполнет. Па добро, Македонија е земја на неостварени замисли, на неисполнети желби и мечти и луѓе кои се научени да живеат со тоа што ќе им се подаде, а не самите да го земат она што навистина го сакаат. Можеби поединци ќе се налутат за ова што го велам, но тоа е суровата вистина. Ние треба да се бориме за да го добиеме она што го сакаме, а не да се откажуваме и само да велиме: „Па државата не чини, не ни дава ништо“. За ваша информација, ниедна држава не дава ништо, туку луѓето сами си го земаат она што го сакаат. Да се разбереме, не велам дека државата е во ред, моите претходни колумни сведочат тоа и мојот став е јасен – поентата ми е дека мораме сами да се бориме за да успееме да создадеме или направиме нешто за да се подобри нашиот живот.
Сиромаштијата е состојба на умот, велат познавачите и експертите, а не судбина, како што велат некои луѓе. Судбината ние самите ја кроиме, таа не е скроена. Ако ти возиш во алкохолизирана состојба и не дај Боже, доживееш несреќа, тоа не е поради што судбината така била скроена, туку поради погрешната одлука која ја носиш. Господ, универзумот или во што и да верувате, дал слободна волја. Ние сами си ги носиме одлуките и сами правиме избор во која насока ќе се движи нашиот живот, не е ништо од тоа веќе одредено.
Во Македонија е екстремно тешко да се излезе од таа матрица на „така ми било пишано“, дури и јас некогаш ја користам оваа фраза за нешто и после се мразам за тоа што сум ја употребил. Не е така пишано, туку таква одлука си донел/а. Животот е константна борба и е „зезнат“ играч кој игра неферска игра која нема правила. Ова сознание не треба да не демотивира, туку напротив да ни даде уште поголема мотивација за да ја засилиме потрагата по среќа, успех и благосостојба.
Сите ние имаме проблеми и нешта коишто не мачат. За да ги надминеме, треба да бидеме посилни од нив, да покажеме дека не можат да не сопрат. Истото важи и за препреките. Оние коишто прават кариера, вклучувајќи ме тука и мене, многу добро знаат со какви препреки се соочуваме постојано, пред се‘ почнувајќи од околината и општеството, па понатаму во градењето на кариерата.
Потребно е да ги отстраниме сите наметнати предрасуди и стереотипи за да можеме да успееме да направиме нешто повеќе за себе. Да престанеме да бидеме завидни и да го цениме нашиот успех, а не да го гледаме и да го посакуваме успехот на другите. Сите ние сме различни и имаме различни гледишта, интереси, таленти и вештини. Убавината е токму во диверзитетот.
За крај, би сакал да ви дадам еден совет кој според мене е доста важен – Секогаш гледајте се прво себеси па другите, бидејќи никој нема да ве гледа вас. Не бидете себични, помагајте и запознавајте луѓе, но запомнете дека во вашиот живот, вие сте приоритет.
Фото: Приватна архива
