МакедонијаСветот на работникотСиндикат

„ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ“: СОНК ТВРДИ ДЕКА ССМ И ОРМ НАМЕРНО НЕ ПРИСУСТВУВААТ НА КОМИСИЈАТА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВНОСТ ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ДОВЕРБАТА ВО СИНДИКАТОТ

Синдикатот за образование, наука и култура ја свика оваа прес-конференција за да го информира своето членство и пошироката јавност во однос на завршувањето на преговорите за склучување на колективни договори за основно и средно образование. Впрочем, пред оваа прес-конференција заседаваше највисокиот орган на одлучување, а тоа е Советот на СОНК, каде што изразивме заедничко едногласно незадоволство по однос на несклучување на колективните договори за основно и средно образование, рече Претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Иако бевме на прагот на потпишување, иако беа усогласени текстовите за основно и средно образование на колективните договори, иако поминаа јавните расправи за усоглсување на текстовите со забелешките кои ги изрази нашето членство, сепак не успеавме, до датумот којшто овозможуваше потпишување на колективни договори, а тоа е денот на објавувањето на датумите за избори, да го направиме тоа, истакна Неделков.

Неделков објасни поради кои причини не успеале да ги потпишат колективните договори.

Првата причина е и покрај усогласените текстови и покрај нашиот општ впечаток дека Министерството за образование и наука и Министерот има желба да се заврши оваа процедура, сепак не успеавме поради тоа што Министерството за финансии не обезбеди потребен број на средства со којшто ќе се сервисираат колективните договори, посочи Неделков.

Тој истакна дека веќе неколку години Конфедерацијата на слободни синдикати и СОНК како нејзин дел, не можат да обезбедат репрезентативност. Според него, можеби Министерството за финансии ќе ги овозможело тие средства, односно ќе добиеле согласност за финансирање на колективните договори, меѓутоа немањето на репрезентативност го попречило тоа.

Сакам да подвлечам дека СОНК за основно и средно образование нема репрезенативност, не од причина што нема доволен број на членови, напротив има многу повеќе од законски утврдениот број, туку единствено само од опструкцијата на Комисијата за докажување на репрезентативност. Имено, документи за докажување на репрезентативност СОНК има поднесено пред точно една година и десет дена, и досега, до ден денешен, комисијата не ги зема предвид. За волја на вистината, во една прилика имаме добиено писмо во коешто се бара докомплетирање на документацијата, што впрочем е направено од наша страна, меѓутоа до ден денешен Комисијата не се состанува, наведе Неделков.

Од СОНК ова го квалификуваат како злосторничко здружување – здружување на членовите на Комисијата диригирани, како што се сомневаат, од еден центар, од каде што членовите прават опструкција, односно на закажани седници во последен момент информираат дека не се во можност да присуствуваат.

Тоа се правеше и со КСС, а имаме и документација од мејловите и кажувањата дека во последен момент не можат да учествуваат на Комисијата и секако писмото од тогашната министерка Шахпаска, во коешто кажува дека Организацијата на работодавачи, а особено Сојузот на синдикатите на Македонија, не доаѓаат на Комисија. Од таа причина сметаме и тврдиме дека ова е злосторничко здружување, со цел да се наштети на нашиот синдикат. Целта е да се нема репрезентативност, целта е да не се потпишат колективни договори и целта е да паѓа довербата во нашиот синдикат. Дали е ова самоодбрана или алиби на СОНК? Да, самоодбрана е. Гласно зборуваме, како и секогаш што сме зборувале против тоа да се задоволат апетитите на некои други организации. СОНК нема да остане глув и нем на ваквите случувања и ќе преземе активности во рамките на надлежностите. Некој за оваа работа ќе понесе политичка одговорност, а некој кривична, објасни Неделков.

Во наредниот период СОНК ќе преземе и поконкретни чекори, додаде тој.

Злосторичко здружување и атак за намалување на позицијата на СОНК е уште едно случување во последните денови, преку упад во синдикалното организирање од страна на некои трудови и просветни инспектори во синдикалните организации на СОНК. Се правеле упади, се носеле записиници и заклучоци преку коишто на директорите им се наведувало да не одбиваат синдикална членарина, без секој месец членот на синдикатот да се изјасни за тоа дека се согласува со тоа да му се одземе членарина.

Ова е упад во синдикалното организирање и дејствување и жестоко ќе реагираме преку истанците и за ваквото постапување. Согласно Закон и Колективен договор, особено согласно колективните договори, ние со работодавачите се имаме договорено дека ќе ги извршуваат сите административно-технички работи во име на синдикатот, односно за потребите на синдикатот, вклучително и за одбивање членарина. Ниту еден инспектор, дали е трудов или просветен, нема таква надлежност да одредува членот на синдикат како и на кој начин ќе партиципира со одвојување на неговата плата за членарина, рече Неделков.

Со не носењето на колективните договори, како што рече Неделков, вработените во основно и средно образование губат подобри права од моменталните, како јубилејни награди и повисок регрес за годишен одмор од оној којшто е утврден со Општиот Колективен договор за јавен сектор кој изнесува 30 %, како и други подобрени права.

Тој се надева дека ќе се изнајде решение на проблемите, без оглед на тоа што е техничка Владата и додаде дека СОНК нема намера да чека шест месеци за да завршат изборните циклуси, па ако нема решение, ќе преземе синдикални мерки.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk