ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Знаете ли колку лица биле обесхрабрени да бараат работа – Погледнете колку изнесувал нивниот број во 2020

   Време за читање 2 минути

Бобан Илијевски

Државниот завод за статистика води евиденција за тоа колку лица биле обесхрабрени да бараат работа бидејќи ценат дека нема слободни места за нив.

2020 година беше тешка година за сите. Голем број на вработени беа погодени од здравствено – економските последици на пандемијата со коронавирусот, а тоа дополнително придонеси луѓето да се обесхрабрат кога станува збор за барање на нова работа.

Статистиката вели дека вкупниот број на обесхрабрени лица кои не барале работа поради тоа што ценеле дека нема расположливи работни места за нив, во 2020 година изнесувал 39,138 лица, додека во 2019 година – 30,560, со што бројот на овие луѓе е зголемен за 8,578 лица или за речиси 22 %.

Табелата дава можност да се видат податоците и според возраста и полот, па оттаму во 2020 година најголем број обесхрабрени лица кои не барале работа поради тоа што сметале дека нема расположливи места се на возраст од 25 до 34 години, односно 10,677, што значи дека тоа е група на млади луѓе, чиишто работни места се едни од најнесигурните, според разни економски институти. За споредба, во 2019 година, најмногу од овие лица биле исто така, но нивниот број бил помал, односно изнесувал 7,497, што е за 3,180 лица или за над 29 % помал од бројот на лица во 2020 година.

Гледано според полот, мажите повеќе од жените биле обесхрабрени да бараат работа поради тоа што ценат дека нема расположливи работни места во 2020 година и нивната бројка изнесува 23,700, а бројката не жени изнесува 15,438. Во 2019 година, пак мажите повторно биле во поголем број, а нивната бројка изнеува 16,857, со што е помала од таа во 2020 година за 6,843 лица или речиси 29 %. Исто така бројката на жени во 2019 година е помала за разлика од 2020 година и изнесува 13,703 жени, со што е помала за 1,735 жени или за над 11 %.

Не е воопшто чудно што бројот на лица кои биле обесхрабрени да бараат работа поради тоа што ценеле дека нема расположливи работни места во 2020 година е зголемен. Останува да се види што ќе покаже статистика за 2021 година, односно дали ќе има намалување на бројот на овие лица или пак зголемување.

Фото: Pixbay