Вести

Иднината е во децата, но деца се помалку

Бобан Илијевски

На 8 септември оваа години Македонија одбележа 30 години независност. Не би навлегувал во тоа колку таа е независна од политички аспект, бидејќи не се занимавам со дневна политика, а реално имаше доста политички анализи, коментари и колумни околу тоа колку е независна Македонија.

Знаете, понекогаш кога пешачам од автобуската постојка до моето работно место, ги гледам изразите на лицата на луѓето и никако не можам да најдам среќен израз. Не велам дека нема, но се многу поретки од оние огорчените. Македонија можеби за некои е “независна” земја, но луѓето коишто живеат во неа се токму спротивното. Зависни се од социјална помош која некои едвај успеваат да ја добијат, зависни се од алчните газди кои на нивна сметка профитираат, а тие за возврат добиваат само остатоци, трошки. Неколку стотици илјади граѓани живеат со 100 денари дневно, притоа не можејќи да им обезбедат на своите деца пристојни услови за живот. После, се прашуваме зошто сме држава со толку мала стапка на наталитет, а со голема стапка на морталитет. Ако ги земеме во предвид податоците од Државниот завод за статистика за 2019 година, кога немавме пандемија, бројот на живородени деца изнесувал 19,845. Во соопштението на ДЗС стои дека бројот на живородени деца во 2019 година е намален за 7% во однос на претходната 2018 година. Што се однесува на морталитетот, во 2019 година починале 20,446 лица, притоа се нагласува дека бројот на починати лица е зголемен за 3,6% во однос на 2018 година. Дополнително, пандемијата со Ковид-19 уште повеќе влијае да се зголеми морталитетот. Сметам дека  податоците во однос на наталитетот  покажуваат дека многу млади или не сакаат да имаат деца или имаат само по едно дете или пак се преселуваат надвор од Македонија и таму имаат деца. Исто така, овие податоци треба да им укажат на македонските политичари, сегашни и идни дека потребни се политики коишто ќе го мотивираат младите да го зголемат наталитетот, со тоа што треба да гу подобрат условите за живот и да ги привлечат младите луѓе да останат.

Морам да констатирам дека за овие 30 години не научивме многу, освен како да се местат тендери, да се прави криминал и корупција, да се вработува по партиска и роднинска основа, односно да се прави сѐ што не треба. Поради сето тоа народот станува се повеќе резигниран и апатичен и би рекол крајно беспомошен.

Нашите пари, наместо да се трошат на капитални проекти, да се вложува во младите и децата, тие се трошат за плаќање на хонорари на пропагандисти и квази аналитичари. Да бидам попрецизен, тука не зборувам само за сегашнава владејачка гарнитура  тука и за претходната. Токму ширењето на пропаганда е најсилното оружје во арсеналот на политичките партии и што е уште полошо, кај одреден дел од граѓаните сѐ уште поминуваат истата, за жал.

Залудно славевме независност, кога голем дел од граѓаните се чувствуваат зависни, но и очајни поради лошите политики на досегашните владејачки структури.

Народот како да е само гласачка машинерија која е потребна за време на избори, а потоа следува онаа реприза на пу пу не важи… Сепак, добро е што помладите се критички настроени (да не беа сѐ уште голем дел од нив ќе беа тука), па го искажуваат својот критички став преку социјалните мрежи, но и традиционалните медиуми. Критиките се можеби едно од најдобрите оружја во борбата за промени и напредување. На пример, јас можам слободно да кажам дека студирав на факултет каде професорите не учеа да размислуваме критички и дека секогаш треба да го искажеме нашето мислење.

Верувам дека ќе се зголеми бројот на оние коишто ќе започнат да ги гледаат работите низ призмата на критиката, но онаа која е со факти о аргументи. Секогаш ќе се најде некој што ќе се обиде да ја покори таа критичка мисла, но секогаш ќе има и некој којшто ќе биде уште покритички настроен.

П.С: Сегашната Влада треба сериозно да започне да ги сфаќа овие колумни, бидејќи преку нив се обидувам само да укажам на нешта коишто се случуваат, а и наштетуваат на Македонија. И патем, знам дека помина една недела од 8 септември, но сепак сметам дека темата е актуелна.