ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Имаат потенцијал да вработат илјадници луѓе – Зелените работни места се далеку од реалноста кај нас

Бобан Илијевски 

Активистите од областа на екологијата не се согласуваат дека зелените работни места ќе станат реалност во блиска иднина. Конкретно, членот на активистичката коалиција „Зелен хуман град“, Ана Петровска е на ставот дека имајќи го во предвид фактот дека Македонија е 30 години во транзиција, а започнатите реформи не даваат резултат, не е оптимист дека зелените работни места можат да станат реалност во блиска иднина.

За справување со климатските промени, еден од најважните сегементи е отворањето на т.н. зелени работни места. Во светски рамки, особено на Запад, се вложуваат доста напори и финансиски средства за да се создадат зелени работни места. Според некои извештаи, само секторот на обвноливи извори на енергија има потенцијал да отвори милиони „климатско – пријателски“ нови работни места во светот. Кога би се зеле во предвид и другите сектори, во коишто би можеле да се отворат зелени работни места – транспортот, градежништвото, еко – туризмот…, тоа значи огромен број на работни места, кои би биле еден голем адут во борбата против климатските промени, ширум светот. 

Македонија во процесот на креирање на нови работни места

Во Македонија креирањето на зелени работни места оди со тешко темпо, но од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека до 2030 година би се отвориле 8,000 нови зелени работни места и 10,000 дополнително до 2035 година. За отворањето на овие работни места, во главно ќе придонесат политиките и мерките за енергетска ефикасност, и тоа со учество од 77 %.

Според Министерството, примената на практики својствени за цикруралната економија кај избраните текови на отпадот (коишто се наведени во табелата подолу) може да придонесат во креирање на 2,740 нови работни места до 2030 година, а економската корист од нив би била над 47 милиони евра.

Активистите од областа на екологијата не се согласуваат дека зелените работни места ќе станат реалност во блиска иднина. Конкретно, членот на активистичката коалиција „Зелен хуман град“, Ана Петровска е на ставот дека имајќи го во предвид фактот дека Македонија е 30 години во транзиција, а започнатите реформи не даваат резултат, не е оптимист дека зелените работни места можат да станат реалност во блиска иднина. 

Политичарите мора да разберат дека се соочуваме со сериозни економски и здравствени последици, а мерките што се преземаат на национално и локално ниво за заштита на животната средина и климата не се доволни, вели Петровска за порталот Работник и додава: „Се продуцираат стратегии и планови и се усвојуваат еколошки закони што не се спроведуваат“. 

Ана Петровска – член на активистичката коалиција „Зелен хуман град“

Според Петровска, за да се намали загадувањето и да се подготвиме за последиците од климатската криза мора да се менуваат образовните програми и да се трансформира економијата, односно таа да се промени од линеарна (која се базира на трошоење на природните добра), во циркуларна, (за отпадот да се претвори во ресурс). Децидна е дека само во тој случај може да отворат нови зелени работни места. 

Петровска се осврна и на актуелните еколошко – климатски проблеми, како загадувањето, затрупаноста со отпад, како и длабокото навлегување во климатската криза: „Се горат огромни количества јаглен и петрол кокс, Преспанското Езеро умира, водите од Охридското Езеро прекумерно се испуштаат заради производство на струја во хидроелектраните на Црн Дрим, летово земјоделците немаа доволно вода за наводнување бидејќи акумулациите беа празни, а реките пресушени и наскоро ќе се соочиме со недостог од храна. Се уништува зеленилото во населбите, се градат згради што не се енергетски ефикасни на секоја слободна педа, се сечат шуми, летово пожарите уништија хектари шума, се урнисуваат планини со каменоломи и се разоруваат реките со копање песок и чакал, пчелите се уништуваат заради сушите и прекумерна употреба на пестициди“, рече Петровска. 

Градежништвото придонесува за отворање на нови зелени работни места

Од Министерството за животна средина, во однос на тоа какви политики се преземаат во насока на отворање на зелени работни места, велат дека најмногу придонесуваат реконструкцијата на постојани резиденцијални згради (42 %), изградба на пасивни куќи (21 %), соларни термални колектори (8 %) и обнолвива енергија без стиумалции (6 %). Според ова, политиките се во главно насочени во отворање на зелени работни места во градежништвото и секторот на обноливи извори на енергија. 

За тоа какви политики треба да се преземат за да се креираат нови зелени работни места, Петровска смета дека најпрво треба да има побарувачка на пазарот, односно државата треба да создаде клима работодавачите да бараат квалификувани кадри што ќе работат во сектори што придонесуваат за заштита на животната средина и климата. „Потребно е да се спроведуваат еколошките закони, за да се трансформира индустријата, градежништвото, земјоделството и водостопанството, шумарството и секторите поврзани со експлатација на минерални суровини“, вели Петровска. 

Доколку не се воведат стимулации во економските сектори и образовните институции, како што вели Петровска, заложбите ќе останат само на хартија. Државата мора да воведе царински даночни олеснувања или дури и директни парични субвнеции за секторите што вработуваат „зелени“ профили, објаснува Петровска и додава дека „зелените работни места мора да се препознаат во националната рамка на квалификации и мора да се спроведуваат програми за преквалификација и доквалификација на работници што се ангажирани во секторите што би можеле да отворат ваков вид на работни места. 

Во 2018 година, кога бев Државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, раководев со работна група што имаше за цел промовирање на “зелените” работни места. Произлегоа и препораки за Министерството за образование и наука и Бирото за образование, како и за Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Според моите информации, во моментот се реализира проектна активност поддржана од УСАИД за спроведување на овие препораки, но јавноста нема информации дали институциите – корисници на проектот прават нешто конкретно во оваа насока“, истакна Петровска. 

Потенцијални сектори за отворање на зелени работни места

Примената на енергетска ефикасност во градежнатата индустрија (реконструкција и изградба на нови згради) и инвестирање во обновливи извори на енергија (главно искористување на сончевата енергија за производство на струја со фотоволтаици и на топла вода со колектори), според Петровска имаат најголем потенцијал за креирање на зелени работни места. 

Со натамошна електрификација на транспортот би се пројавила и потребата од занимања во врска со поправка на ектрични возила и инсталирање и одржување на инфраструктурата за полнење на електричните батерии на овие возила. 

Со развојот на циркуларната економија, подвлече Петровска, мора да се применуваат мерки за намалување на отпадот преку повторно користење на произовди (воведување системи за кауција на амбалажа, поттикнување занаети за поправка на апарати, мебел, наместо да се фрлаат итн.) и рециклажа (интегрирање на неформалните собирачи на отпад и развивање занимања за селектирање и преработка на отпадот).

Заради прилагодување на реалноста на климтските промени мора да се воведуваат промени во начинот на искористување на шумите и одгледувањето на земјоделеските производи, посочи Петровска и се осврна на пчеларството кое, како што вели, е една од најзагрозените земјоделски гранки којашто истовремено може најмногу да придонесе за прилогодување на климатските промени. 

Неопходно е да се даде поттик за пчеларите што се соочуваат со загуби заради климатските промени, но и заради користењето пестициди во земјоделството. Агрономите мора да се обучат за практики поврзани со органско производство и одгледување на сорти отпорни на суша, за да спречиме недостиг од храна и натамошно осиромашување на земјоделците и сите други гранки што зависат од земјоделството производство“, вели Петровска. 

Жителите на сиромашните земји како Македонија, што се соочени со егзистенцијални проблеми, не можат јасно да ги согледаат последиците од климатските промени, што ќе доведат до уште поголема сиромаштија, доколку се продолжи со неодржливите практики, нагласува Петровска. „Затоа државата и општините мора да вложат ресурси и да ги направат неопходните промени во начинот на градење, производството на енергија, управувањето со отпадот, користењето на природните ресурси. Само тогаш ќе се отвораат ‘зелени’ работни места и ќе можеме да се справуваме со последиците од климатските промени“, заклучи таа.