Колумни

„Очајот ме натера да бидам проактивен“ – Личен пример кој се надевам ќе ги охрабри сите кои бараат работа

Откако започнав да пишувам колумни, мојата цел беше да ги промовирам работничките права и да ја кревам свеста за нив. Со оглед на тоа што повеќе пати пишував колумни на слични теми (како велат: повторувањето е мајка на знаењето) и сметам дека треба некој период тие да бидат оставени „на клупа“, оваа колумна решив да ја посветам на барателите на работа. Оние кои ги интересира да ги прочитаат моите постари колумни можат да кликнат тука.

Се почесто на социјалните мрежи како на пр. LinkedIn (Линкдин) гледам постови од луѓе на кои веќе преку глава им е дојдено од барање работа. Најголем акцент се става на тоа што вештачката интелигенција во голем дел се користи за прегледување на CV-јата, па ако професионалната биографија не ги исполнува критериумите на алатката, веднаш ќе биде исфрлена од игра. Од друга страна и конкуренцијата е голема, особено кога аплицирате за работа во странски компании.

За среќа, се’ уште постојат компании каде менаџерите за вработување ги прегледуваат апликациите на кандидатите, кои и им објаснуваат зошто се одбиени. И би требало да биде така, за кандидатите колку – толку да имаат предвид каде треба да се поправат. (На оваа тема ќе објавиме интервју со професионалец од областа на човечките ресурси во текот на наредниот период).

Суровата реалност е дека ќе бидете одбивани. Некогаш ќе бидете известувани за тоа, а некогаш ќе добиете само молк. Сето тоа е дел од играта наречена барање работа. Тука морам да нагласам дека има голема можност игнорирањето и молкот да им се залепи на репутацијата на компаниите коишто ги практикуваат. Зборот се шири, па не се чудете еден ден „базенот“ на кандидати значително да им се намали.

Нејсе, да преминам на барателите на работа.

Луѓе, мојата идеја не е да ви солам памет и да ви кажувам што треба да правите. Само можам, а и сакам, да ве охрабрам. Сакам и да споделам со вас дел од мојата, да ја наречам. професионална приказна.

Одбивањето би ми било тешко, но не би дозволил да ме дефинира и да се откажам

Се сеќавам дека уште пред да дипломирам активно се обидував да најдам работа, но во најголем дел бев одбиван со молк. Дури се сеќавам дека еднаш, еден сопственик на маркет ми рече дека со сигурност ќе ме бара, но не добив ниту една порака. Бев разочаран. А кој не би бил? Не е воопшто лесно да аплицираш на повеќе места и да не добиеш никаков повратен одговор. Но, не дозволив тоа да влијае на мојата вредност и да ме натера да се откажам.

Порано денеска на Линкдин прочитав една реченица која ми остави голем впечаток. Гласеше вака: едно „да“ може да направи секое „не“ да има смисла. Понекогаш со тоа што ќе бидете одбиени ќе ви направат услуга, а тоа ќе го сфатите откако ќе ја започнете новата работа.

Упорен и проактивен

Некаде, чинам, летото 2017 година, очаен од неуспехот од барањето работа, решив да седнам пред лаптоп и да им пуштам мејлови на неколку компании. Од очај станав проактивен. Целта ми беше да добијам шанса барем да бидам приправник, бидејќи имав нула работно искуство. Тоа го наведов и во мејловите.

Од сите, повратен мејл добив само од две. Со едната комуникацијата се прекина поради, за мене, нејасни причини, додека со еден од сопствениците на другата продолжи да се развива. Од негова страна бев повикан да одам на разговор во канцеларијата во Скопје. Ми рече дека во моментот нема потреба од работници, но дека ако излезе нешто ќе ме има предвид. Откако заврши разговорот се сеќавам дека ми даде задолжение да му ги наведам сите локални медиуми во Гостивар, па така и направив.

Нашата комуникација продолжи и понатаму, а во меѓувреме ми испраќаше да преведувам кратки текстови од англиски на македонски. Помина речиси една година од средбата, а одговор се’ уште немаше, надежта ми се губеше. Во меѓувреме продоллжив да бидам упорен и да барам работа.

Едно попладне во февруари 2019 година, додека седев дома, ми се јави и ме праша дали сум заинтересиран да работам како новинар во еден нов портал кој се вика Работник. Без многу да размислувам прифатив. Морам да го подвлечам моментот дека човек со кого се имав сретнато еднаш во животот ме препорача за работа. Бев и се’ уште сум вчудоневиден. Вечно ќе му бидам благодарен што ми го отвори патот за кариера во оваа професија.

Така, веќе седум години сум дел од Работник и ја имам можноста да пишувам на теми, кои и не баш длабински се обработуваат во Македонија.

Во скицата за оваа колумна имав наведено да посветам и еден до два параграфи за тоа дека треба да стекнувате нови вештини и да ги надградувате оние што ги имате, но како и што реков на почетокот нема да ви солам памет. Не секогаш скицата е добар пријател на авторот.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk