ИНТЕРВЈУ – Кога снимките од надзорните камери кај работодавачот можат да се користат во дисциплинска постапка?
Тема којашто досега ја немаме обработувано, а е и тоа како важна – надзорните камери во просториите на работодавачите. За да добиеме правно објаснување за правилата кои важат за снимениот надзор, направивме интервју сo Билјана Чкламовска, MSc Менаџмент на човечки ресурси, Консултант за корпоративно и работно право и управување со човечки ресурси и Предавач на Академија за човечки ресурси
Што велат законите за користење на надзорни камери на работното место?
Законот за заштита на личните податоци пропишува строги правила за начинот на користење на видео надзорот на работното место.
Работодавачот е должен да изработи посебен акт, односно соодветен правилник, согласно законот, да направи план и анализа за местото каде ќе бидат камерите поставени, за видот на камерите, на пр. дали се статички или ротирачки.
Работодавачот во Анализата особено мора да ги наведе и образложи целите заради кои се врши видео надзор во работните простории. Имено, тој може да врши видео надзор во службени или деловни простории само ако тоа е потребно за:
– заштита на животот или здравјето на луѓето,
– заштита на сопственоста,
– заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или
– обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории само за безбедносни цели.
Целта на поставување на видео надзор во работните простории никако не смее да биде за контрола на работењето на вработените!
Дали работодавачот мора да ги извести вработените дека има камери?
Секако, тој е должен на видно место да постави Известување дека просторијата е под видео надзор. Формата на известувањето е уредена со посебен правилник и тоа, меѓу другото, мора да содржи информација кое лице кај работодавачот е овластено да врши надзор.
Работодавачот има обврска уште при склучување на договорот за вработување да го извести работникот дека работните простории се под видео надзор и да побара негова писмена согласност дека се согласува да работи под тие услови. Писмената Изјава за согласност, потпишана од работникот треба да биде составен дел од договорот за вработување.
3. Во кои простории е дозволено, а во кои е забрането снимање?
Согласно член 90 од ЗЗЛП, работодавачот може да врши видео надзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Забрането е вршење на видео надзор во гардероби, соблекувални, санитарни јазли и други слични простории.
4. Дали снимките може да се користат како доказ при дисциплинска постапка или отказ?
Да, ако дејствувањето на работникот ги повредува животот, здравјето или безбедноста на другите вработени или други лица присутни во работните простории, сопственоста на работодавачот.
5. Колку долго смеат да се чуваат снимките и кој има право на пристап до нив?
Работодавачот исто така, е должен да го почитува максималниот рок од 30 дена, во кој снимките од камерите мора да бидат избришани.
Снимките на кои има вработени се сметаат за заштитени лични податоци и не смеат јавно да се објавуваат, ниту да се даваат на неовластени лица, освен под условите пропишани со законот, односно само на корисник за конкретен случај, кога е применливо, а врз основа на писмено барање од корисникот, доколку тој корисник согласно со закон е овластен да ги обработува тие лични податоци.

