90 % од платата исплатена во претходниот месец им следува на работниците чиј работодавач има забрана за работа
Бобан Илијевски
433 непријавени работници биле откриени минатата година од Државниот инспекторат за труд, покажуваат податоците кои порталот Работник ги доби преку Барање за информации од јавен карактер.
Против 128 работодавачи биле поведени прекршочни пријави, а на 6 фирми им била забранета работа на 15 дена, додека на 1 работодавач му била поднесена кривична пријава.
Од ДИТ побаравме да ни ги дадат податоците и за оваа година, по што ни ги испратија истите за периодот јануари – февруари 2023. За само два месеци биле откриени 30 непријавени работници, а на 2 фирми им била забранета работа.

Разлика помеѓу сива и црна економија
Пред да преминеме на главното прашање, од Македонското здружение на млади правници, од каде што побаравме одговори за прашањата во прилог, појаснија која е разликата помеѓу сивата и црната економија.
„На почетокот би сакале да ја потенцираме разликата помеѓу сива и црна економија. Сива економија е кога сепак се врши исплата, но не по основ на вработување туку по други основи, со што ангажираните лица немаат права од социјално и здравствено, а истовремено претставува приход кој се засметува како добивка и може да значи губење на правото на гарантирана минимална помош. За разлика од ова, црната економија подразбира ситуации во кои за ангажман на лицето не постои договор, а исплатата на средства не оди според регуларните текови, односно не се исплаќаат пари преку трансакциска сметка“.
Со какви последици би се соочиле лицата кои работат на црно?
Од Македонското здружение на млади правници посочија дека ниту една „работа на црно“ не е дозволена и дека истата носи ризици за сите работници кои ја вршат. Еден од ризиците е трудова експлоатација.
„Имено, работата на црно не опфаќа задолжителна уплата на придонеси од задолжително пензиско, здравствено и инвалидско осигурување. Придонесите се сигурност и заштита за работниците, бидејќи со плаќањето учествуваат во фондот за здравствено, социјално, пензиско и инвалидско осигурување“, велат од МЗМП.
Тоа, како што објаснуваат, значи дека работниците добиваат право на здравствена заштита како осигуреници на Фондот и заштита во случај на несреќа при работа или во случај на неспособност за работа по друг основ.
Вклучувањето во фондот значи и дека по исполнувањето на старосната граница и 15 години работен стаж, се стекнува право на месечна пензија.
„Кога работникот е дел од сивата економија, тој не може да ги користи правата од социјално, пензиско и здравствено осигурување. Секој работник при вработувањето, задолжително мора, од својот работодавач, да добие Договор за вработување, како и заверена фотокопија од пријавата или извод од компјутерски запис од информацискиот систем на Агенцијата за вработување“, истакнаа од Здружението.
Последици по работодавачот
Доколку надлежниот инспектор затекне на работа кај работодавач лице со кое не е заснован работен однос и лицето не е пријавено во задолжително социјално осигурување, со решение на работодавачот ќе му наложи со него или со друго лице во рок од 8 дена од приемот на решението да склучи работен однос. Притоа, работодавачот не смее да објави јавен оглас и работниот однос мора да го заснова на неопределено време и во наредните три месеци да не го намали бројот на вработени, велат од Здружението.
„Ако работодавачот го повтори овој прекршок, во рок од една година од денот на правење на прекршокот, надлежниот инспектор со решение ќе забрани работа кај работодавачот во работната просторија, односно работниот простор, во траење од 15 дена. Потоа, ќе побара и поведување на прекршочна постапка“, велат од МЗМП.
За време на забраната за работа, работодавачот е должен на работниците да им исплатува надоместок на плата најмалку 90 % од исплатената плата на работникот во претходниот месец и придонеси на плата и за време на забраната не смее да го намали бројот на вработените, посочија од таму.
Глоби за работа на црно
- Од 200 до 400 евра во денарска противвредност за микро и мал работодавач – правно лице.
- Од 300 до 600 евра во денарска противвредност за среден работодавач – правно лице.
- Од 600 до 1,000 евра во денарска противвредност за голем работодавач – правно лице.
Овие глоби се изрекуваат ако не е склучен Договор за вработување меѓу работникот и работодавачот и работодавачот не го пријавил работникот во задолжително пензиско, инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност пред да стапи на работа, појаснија од Македонското здружение на млади правници.

