Потребни се мерки кои ќе ги опфатат стриктно најзагрозените граѓани, вели Јовановски (ИНТЕРВЈУ)
Новинар: Бобан Илијевски
Дали повторно треба да се воведе мерката за субвенционирање на придонесите од страна на државата на оние компании кои ќе ги зголемат платите, беше едно од прашањата на коешто одговор побаравме во интервјуто со долгогодишниот економски новинар и познавач на економските текови во Македонија, Мирче Јовановски.
Во продолжение интервјуто со нашиот соговорник:
Работник: Во ноември минатата година престана да важи Законот за субвенционирање на придонеси, од кои, како што велат работодавачите, над 200,000 работници имале бенефит. Што мислите за тоа да се воведе повторно ваква мерка?
Јовановски: Мислам дека мерката за субвенционирање на придонесите од страна државата за зголемување на платите над минималната беше една од најдобро оценетите и од самите работодавци, па и тие преку Организацијата на работодавци предложија нејзино продолжување до крајот на октомври 2024 година, значи за дополнителни две години.
Не ми е познато зошто таквиот предлог не беше прифатен, дотолку повеќе што од Владата во повеќе наврати посочија дека и во Буџетот за годинава се предвидени средства за антикризни мерки, а од друга страна, продолжуваат и состојбите во стопанството поради кои и беше донесена во 2019 година.
Не знам точно колку вкупно средства беа искористени од Буџетот за оваа намена, но за 2019 година за таа цел беа предвидени 6,5 милиони евра, што претпоставувам не е голем товар во однос на придобивките за стопанството и за целите со кои беше донесена – подобрување на стандардот на вработените и поттикнување на економскиот раст.
Овие причини дури се поизразени денеска имајќи ја во предвид високата стапка на инфлација која го еродира стандардот и продолжената економска криза која ги истоштува фирмите. ММФ во најновиот извештај објавен во вторникот дополнително ги намали прогнозите за економски раст на глобално ниво, а за Македонија предвидува раст од само 1,7 отсто годинава, што укажува дека пред нас е уште една неизвесна година, така што тоа е уште еден аргумент плус за една ваква мерка.
Работник: Како новинар кој подоло време ја следи економската состојба во Македонија, како би ги оцениле мерките кои ги презема државата за да му помогне на приватниот сектор во време на криза?
Јовановски: Треба да се биде реален и да се каже дека Владата не седеше со скрстени раце, беа донесени повеќе пакети мерки наменети за стопанството и за граѓаните, вклучувајќи ги тука и субвенциите за електрична енергија коишто се уште ја „држат“ цената на струјата на подносливо ниво. За потсетување, при презентирањето на извештајот за земјите од Западен Балкан, од страна на Светска банка беше посочено дека таа помош, споредено со БДП е најголема меѓу земјите до регионот.
Но, за мене главното прашање е зошто при толкава економска помош за стопанството и за граѓаните, нашите економски показатели, тука пред се мислам на растот на БДП, индустриското производство, инвестициите и слично, се едни од најлошите во регионот. Мислам дека тоа е прашање и за економските аналитичари и за надлежните во Владата, зошто е толкав дисбалансот меѓу обемот на помошта и резултатите, односно дали таа отишла таму каде што било најпотребно и дали е целисходно искористена.
Работник: Што според Вас, дополнително, би требало да се направи за да му се помогне на бизнис секторот во време на економска криза и огромен недостиг на работна сила?
Јовановски: Мислам дека во наредниот период клучно ќе биде да се таргетираат оние сектори или компании, како и категории на граѓани на кои помошта навистина им е потребна. До сега повеќе од мерките беа линеарни, вклучувајќи ги и последните за замрзнување на цените на основните животни производи. Што значи, дека тие подеднакво важат и за најбогатите слоеви на населeнието, кои во крајна линија можат да си дозволат да купат производи и по повисоки цени.
Второ, клучно и итно, е борбата против сивата економија. Деновиве имаше истражување кое покажа дека годишно поради сивата економија се губат стотици милиони евра приходи за Буџетот, кои доколку би биле реализирани би можеле да се искористат и за поддршка на стопанството. Намалување на сивата економија е мерка која ја бараат и стопанствениците, бидејќи тие самите трпат штети од нелојалната конкуренција на пазарот.
Што се однесува до недостигот од работна сила, тоа е долгорочен проблем, кој за жал мислам дека ќе се изострува и тешко дека ќе може да се реши на краток рок и тука, покрај владата, своја улога имаат и компаниите преку системот на наградување и условите на работа.
Она што е забележливо последните години е што заминуваат пред се квалификувани и образувани кадри, кои релативно добро биле ситуирани и во земјава. За нив социјалниот момент не е доминантен, туку желбата да живеат во она што го нарекуваме „посредени“ држави, значи во кои владее правото, во кои напредувањето е според мерит систем и во кои ќе може да ги реализираат своите способности и амбиции. Јас на заминувањето не гледам еднонасочно, односно како на „билет во еден правец“. Во Европа има примери на земји во кои откако спровеле реформи кои дале резултат, трендот се свртел – оние кои што заминале, да се вратат назад и да отворат свои бизниси. Да се надеваме дека во блиска иднина и нам ќе ни се случи такво нешто.
Фото: ТВ24

