И повозрасните луѓе со се семејства ќе се иселуваат од Македонија во постпандемискиот период
Бобан Илијевски
Пред некој ден прочитав еден извештај од Организацијата за економска соработка и развој, попозната како ОЕЦД, во кој се вели дека доколку постарите лица повеќе би биле вклучени на пазарот на труд, државите би можеле да имаат поголем економски стандард, а и би се зголемил Бруто домашниот производ.
Во Македонија ние имаме проблем со вработување на млади лица, а за постарите да не зборуваме. Кога би се зборувало јавно за тоа дека треба да се вработуваат постарите лица, јавноста веднаш бурно ќе изреагира, велејќи дека приоритет треба да им се даде на младите. Ваквата реакција е сосема оправдана, со оглед на тоа дека имаме егзодус на млади кадри, и тоа квалификувани.
Бизнис заедницата постојано алармира за тоа дека квалификациите на младите не се совпаѓаат со оние коишто им се потребни на стопанството. Тоа е точно. Зошто е така? Бидејќи младите коишто ги поседуваат квалификациите што му се потребни на македонското стопанството, се заминати надвор. Во Македонија ќе земе 40,000 денари плата, но во некоја од западните држави ќе земе 2 до 3 илјади евра. 40,000 денари се 648 евра. Бидејќи во денешно време секоја плата се гледа во евра во поголемиот дел од Европа, младите во Македонија кога ќе слушнат дека нивните колеги од Западна Европа земаат 2 до 3,000 евра плата, а тие земаат 648 евра, веднаш велат: „Зошто и јас не одам таму да заработувам толку“. Доколку не можат да отидат да работат со македонски пасош, тогаш бараат да видат дали имаат некој дедо или баба од Бугарија, за да можат да извадат бугарски пасоши.
Со работите коишто се нудат преку интернет, не ни треба да вадат пасоши, треба само да знаат добро англиски и да стекнат знаење и вештини преку бесплатни курсеви коишто ги нудат платформите на интернет. На тој начин тие можат да работат за странски пазар од својот дом и да заработуваат 1,500 до 2,000 евра месечно. На пример, има Македонци коишто работат за американски компании. На компаниите повеќе им се исплаќа на Македонецот да му дадат 1,500 до 2,000 евра плата месечно, отколку на Американецот којшто многу повеќе ќе побара за да заврши одредена работа. Да бидеме реални 1,500 или 2,000 евра не се малку за македонски стандард и со нив може да се живее пристоен живот. Така да, дигитализацијата си го направи своето. Ни даде и се уште ни дава голем број на можностите коишто можеме да ги искористиме за да заработиме повеќе. А секој сака да има повеќе пари, за да може да си обезбеди и подобар живот.
Оттука мое мислење е дека младите повеќе ќе се насочат на работа преку интернет во наредниот период. Дури ќе има и такви случаи, кога работници ќе даваат откази од моменталната работа за да работат преку интернет, што значи дека македонските работодавачи ќе мора да се потрудат малку повеќе, доколку сакаат да ги задржат сегашните вработени, а воедно да вработат и нови. Сега за сега не го гледам тоа подобрување. Се уште работите се по старо. Мноштво од работодавачите ги вработуваат младите на договори на определено време, а откако ќе поминат пет години (до пет години според сегашниот Закон за работни односи работодавачите можат да ги држат вработените на договори на определено работно време), а потоа ги префрлуваат на други работни позиции и повторно им даваат договори на определено. А кога ќе дојдат во тесно и ќе треба да отпуштат некого, тогаш тие се први на удар. Сето ова, на младите им создава една голема несигурност на работните места.
Се додека е вака, тие ќе се снаоѓаат да работат на други начини или пак ќе се преселуваат. И економските аналитичари очекуваат дека во постпандемискиот период ќе продолжи масовното иселување на младиот квалификуван кадар од Македонија. Јас велам дека, согледувајќи ја економската ситуација во Македонија и повозрасните луѓе ќе започнат масовно да се преселуваат со своите семејства, во потрага за подобар стандард, праведен систем и бирократски по симплифициран. И да не заборавиме, голем број на луѓе живеат со по 100 денари дневно, помеѓу нив има од сите возрасти.
Вака јас гледам на работите. Не дека сум на страната на работниците, туку дека тоа едноставно е реалноста.

