ПравдаСветот на работникот

Како да им се овозможи пристап до пензиско и здравствено осигурување на овие работници?

Бобан Илијевски

Голем број од луѓето, особено младите се повеќе се насочуваат кон тоа да работат како фриленсери и хонорарци на авторски договори за домашни и странски пазари, поради можноста од голема заработка која ја носи овој вид на работа. Најчесто тие отвораат свои блогови на кои пишуваат на различни теми и на тој начин тие можат да работат самостојно или пак за одредени компании и така да остваруваат приходи. Фриленсерите работат во повеќе области, меѓу кои се дигиталниот маркетинг, новинарство, ИКТ, финансии, образование, забава итн.

Порталот Работник сподели две искуства на новинарки коишто работеле како фриленсери. Текстот можете да го прочитате тука.

Што е фриленсер?

Кога би напишале на пребарувачот на Гугл „Што е фриленсер?“ би ни излегле голем број на одговори, а еден од нив е дека: „Фриленсерот е лице коешто работи само за себе односно е самовработено. Фриленсерите можат да работат и за компании, но тие не се сметаат за вработени во истите, туку како Contractors или изведувачи на одредени работни задачи кои им се дадени од страна на компаниите.

На интернет има голем број на веб страни коишто имаат за цел да ги спојат фриленсерите и компаниите, преку кои работат и македонски фриленсери.

 Потребно е вклучување на фриленсерите, но и оние кои работат на авторски договори во трудово – правниот систем

Работењето како фриленсер има и свои негативни страни, како што се немањето на здравствено и пензиско осигурување.

Проф. Д-р Лазар Јовевски, експерт по трудово право за „Работник“ вели дека лицата коишто работат како фриленсери или се на авторски договор се на маргините на работниот однос.

Тој смета дека потребно е овие лица да се вклучат во трудово – правниот систем на вистински и адекватен начин, што подразбира решавање на нивниот статус во рамките на постојните или идните законски решенија.

„Потребно е во иднина да се извршат промени во законската регулатива со цел овозможување на лицата коишто се т.н. фриленсери да бидат вклучени во системот на социјалното осигурување, на начин којшто е адекватен и кој не би значел преголеми финансиски стресови за овие лица, а од друга страна исто така не би требало да се доведе државата да не го регулира нивниот статус како лица коишто де факто извршуваат работни обврски“, вели Јовевски.

Според Јовевски, овие лица најчесто сметаат дека немаат право на здравствено осигурување, нагласувајќи дека искуството и праксата на европските земји покажува дека потребно е да влезат во системот на социјално осигурување, за да имаат извесна сигурност по заминување на одредено време, односно со исполнувањето со условот за пензионирање.

Јовевски вели дека важно е да се има избалансиран пристап и да не се избрзува со несоодветни решенија коишто би значеле не разбирање на целта којашто треба да се постигне за овие лица. Целта, како што вели е преку балансиран пристап да се дојде до „вин – вин“ ситуација, односно и државата и овие лица да бидат задоволни.

На прашањето како да им се овозможи здравствено и пензиско осигурување на фриленсерите, Јовевски вели потребно е да бидат  вклучени во процесот на здравственото и пензиското осигурување, но бидејќи истите не засновале работен однос, треба да се изнајде начин и да се види околу стапката за плаќање на придонеси, околу договорите коишто ги потпишуваат или доколку се ангажирани надвор од Македонија, да се поврзат со одредени пензиски шеми коишто би значеле адекватно осигурување на овие лица во Македонија. Оттаму е потребно да се направат измени во Законот за работни односи, но и во законите за пензиско и инвалидско осигурување и за здравствена заштита и здравствено осигурување.

Фото: Freepik