Кампања на МОТ за почитување на работничките права
Речиси секој работник и секој бизнис се погодени од КОВИД-19 на еден или друг начин. Се проценува дека намалувањето на економската активност во земјава како последица на кризата, во претходните квартали, предизвика загуба на работни часови еквивалентни на околу 250.000 работни места. Според анализите на Меѓународната организација на трудот (МОТ), најпогодени се малите и средните претпријатија, младите и жените. Секој четврти млад човек е вработен во еден од најтешко погодените сектори, и заедно со влијанието кое кризата го има врз образованието и обуката, ова претставува ризик тие да станат генерација која ќе ги сноси последиците уште долго.
Заради овие причини, а по повод 7 Октомври – Светскиот ден на достоинствената работа, Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Економско-социјалниот совет најавија кампања за подигнување на свесноста и почитување на работничките права. Кампањата е поддржана преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.

