Колумни

Кај нас четиридневната работна недела е мисловна именка – се уште не се почитуваат основните работнички права

Кога ќе ја погледнеме пошироката слика за тоа колку досега има напредок во областа на работничките права, можеме веднаш да заклучиме дека напредокот стагнира, и тоа веќе долго време. Ниедна Влада досега не ја сфати сериозно работничката класа и не направи ништо за да им помогне. Оние ад- хок трудови политики, воопшто не помагаат. Потребна е стратегија на долг рок. Стратегијата постои на хартија, но не гледам дека се применува во пракса, бидејќи да се применуваше, немаше да има работодавачи коишто брутално ги прекршуваат работничките права и немаше да им млади луѓе вработени на несигурни работни места, од кои во секој момент можат да бидат тргнат. Впрочем, една од причините за нивното емигрирање во странство е и тоа што во својата татковина се чувствуваат „лесно заменливи“, што дополнително влијае на нивната мотивација да заминат од Македонија.

Да се навратам на стратегијата. Еден од најочигледните примери за тоа дека стратегијата не фукнционира е недоволниот капацитет или недоволната екипираност на Државниот инспекторат за труд кој „кубури“ со инспектори. Доколку стратегијата се имплементираше во пракса, тогаш немаше да се дозволи да останеме без трудови инспектори. Кршачиве на работнички права знаат дека има мал број на инспектори, како и дека не можат да постигнат да вршат инспекциски надзори, па си земаат слобода да им исплаќаат два денари на сметките на работници, да вработуваат на црно, да вршат мобинг, особено психолошки, од невидени размери, врз нивните вработени. Кога би имало повеќе трудови инспектори кои би вршеле почести вонредни инспекциски надзори, тогаш би се превенирале големи прекшувања на работничките права. Да бидеме реални, во ниеден случај не е возможно да се искорени целосно кршењето на работничките права, но она што може да се направи е да се сведе на минимум. Јас би сакал да нема воопшто прекршување на работничките права, но тоа го нема ни во најразвиените држави во светот. Потребна е строга контрола и остри санкции, па можеби тогаш ќе им дојде паметот на овие кршачиве на работнички права.

Овој пример со трудовите инспектори е само еден во низата на вакви примери, кои за жал постојат во Република Македонија. Сметам дека имајќи во предивид дека кај нас на редовна база флангратно се прекршуваат основните работнички права, не од сите, но од поголемиот дел на работодавачи, сеуште е рано да зборуваме за прашања во сферата на трудот, од типот на четиридневна работна недела или намалување на работните часови. Прво мораме системски да ги унапредиме основните работнички права, па откако овој процес ќе дојде до одредено ниво, можеме да зборуваме за кревање на правата од работен однос на едно уште поголемо ниво.

Не знам кога конечно оние коишто ги кројат трудовите политики ќе се освестат и наместо да шират небулози, да се фатат за работа и да ги спроведат во пракаса теортеските страгеии. Навистина е срамота, и ова го кажувам веќе не знам кој пат, да се стремиме кон Европската унија, а да не ги почитуваме основните човекови и работнички права. Не залудно Светската Конфедерација на синдикати во последниот извештај од 2020 година не смести заедно со африканските држави, поради тоа што кај нас, како што се наведува во извештајот, системски се кршат работничките права.

До кога вака ќе се тера не знам, но знам дека последиците ќе доведат до едно – егзодус.

Бобан Илијевски