НовостиСветСветот на работникот

Келнерите би требале да заработуваат 2,000 евра за да се спречи иселувањето

   Време за читање 3 минути

Туристичката сезона во Хрватска е пред вратата, а дека ќе биде одлична, покажуваат резултатите низ целата година. Токму затоа е и трката за работниците, кои недостигаат.

Особено е динамично во зоната на персоналот кој непосредно работи со гости, во секторот дефиниран со фамозната одредница „келнери и готвачи“, пишува Нови лист. Дошло и до значајно зголемување на платите за секторот да се стабилизира кадровски, па готвачите и келнерите ретко добиваат плати под 1,500 до 2,000 евра. Само, се чини дека тоа не е доволно за да се привлече домашната работна сила.

Причината за тоа е што некои од конкурентските држави како Австрија во тој сектор даваат двојно поголеми плати. Поради тоа овие денови дошло забрзано, некои коментирале дури и панично, проширувањето на Колективниот договор за угостителство, кој предвидува на сите вработени во дејностите обезбедување на сместување и услужување со храна да им се зголемат платите просечно за 17 %.

Примената на Договорот започнала од 1 мај, односно колективниот договор се проширува на сите работници и работодавачи во угостителскиот сектор на основа на одлуката на Министерството за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика. Со тоа, минималната плата се поставува на ниво кое се приближува до износот од 900 евра. Новиот Колективен договор ќе важи до крајот на 2025 година.

„Владата мора низ даночната политика дополнително да ги олесни издатоците на работодавачите, за дел од тие средства да се прелеат на конечните корисници – вработените. Во спротивно, платите и понатаму ќе бидат премали, домашната стручна работна сила и понатаму ќе ја напушта Хрватска“, објаснил Претседателот на Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска, Едуард Андриќ зошто оваа мерка не е доволна.

Само, ова не е локален, туку глобален проблем. Додека Хрватите сакаат да работат, на пример, во Италија, на тамошните келнери и готвачи платите не им се доволни, ниту пак од нив можат нормално да живеат, ако се стави во контекст колку мораат да работат во текот на сезоната.

Секако, не треба да се занемарат ни потезите кои (не) ги влечат работодавачите. Поради што келнерите би требале да бидат задоволни со плати од илјада евра, ако цените на најчесто нарачуваните артикли достигнале до износи многу слични на оние во соседните, туристички конкурентни држави? Оние кои на своите работници, па така и на келнерите, им плаќаат многу повеќе.

На крајот, истакнува Нови лист, иако Министерството за труд со зголемувањето на минималецот има добра намера, се чини дека со тоа не се постигна речиси ништо. Време е за генерална реконструкција на системот не само на плати, туку и односот кон трудот и севкупниот систем на вредности. Ако не дојде до тоа, очигледно нема да имаат на кого да се обраќаат во предизборните кампањи.

Извор: Poslovni.hr

Фото: Hrvoje Jelavic/PIXSELL

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси