Колку пари имал папата Франциск во моментот на смртта: Еве ги платите во Ватикан
Со смртта на папата Франциск и започнувањето на нова ера во Светиот Престол, повторно се актуелизираат прашањата за внатрешното функционирање на Ватикан – особено од економски аспект.
Едно од најчестите прашања е дали папата добивал плата и колку заработуваат членовите на ватиканската администрација.
Иако е на чело на Ватикан и е највисок авторитет во Римокатоличката црква, папата не добива плата. Меѓутоа, иако официјално не прима месечна заработка, тој има на располагање средства за лични трошоци, како што се храна, облека и патувања, со кои управува Светата столица.
Папата Франциск, кој беше избран во 2013 година, беше познат по својата скромност. Наместо да живее во Апостолската палата – официјалната резиденција на папата – тој одбра да живее во многу поскромната „Санта Марта“.
„Не ми плаќаат ништо“, изјави еднаш Франциск кога млад човек го праша колку заработува, во документарецот „Амин. Папиниот одговор“ од режисерот Жорди Еволе.
„Кога ми требаат пари за чевли или нешто слично, одам и побарувам“, додаде тој.
Платите на вработените во Ватикан
За разлика од папата, членовите на ватиканската администрација добиваат редовни плати. Римската курија – административното тело на Католичката црква – е составена од кардинали, епископи, свештеници и лаички лица кои се задолжени за едукација и верски обреди.
Кардиналите, кои имаат клучни функции, заработуваат околу 5.000 евра месечно. Платата на обичните свештеници се движи меѓу 1.500 и 2.500 евра. Лаиците кои работат административни, технички или безбедносни функции имаат примања слични на италијанските државни службеници, односно од 1.200 до 3.000 евра месечно – во зависност од искуството и одговорноста.
Покрај платите, вработените имаат дополнителни поволности, како што се евтино сместување на територијата на Ватикан, здравствено осигурување и можност за набавки во продавници со пониски цени од оние во Рим.
Финансиските мерки на Франциск
Овие средства се обезбедуваат од повеќе извори – вклучувајќи го и познатиот „Петров денар“ (Peter’s Pence), кој се собира преку годишни донации од верници, приходи од туризам, продажба на поштенски марки и пригодни монети, приватни донации и управување со инвестиции.
Папата Франциск во 2021 година нареди намалување на платите на кардиналите и високите ватикански функционери за 10 проценти, како дел од мерките за справување со буџетската криза, влошена поради ковид-пандемијата и намалениот туризам. Истовремено, укина и некои од поволностите како бесплатно сместување.
Во септември 2024 година, тој испрати писмо до сите кардинали, барајќи од нив да помогнат во надминување на буџетскиот дефицит, кој во 2023 година надмина 83 милиони евра.
„Потребни се дополнителни напори за ‘нула дефицит’ да не биде само теоретски, туку и ефективен“, изјави Франциск.
Колку пари имал при смртта?
Папата Франциск, за разлика од некои свои претходници кои дојдоа на функцијата со значително лично богатство, и пред понтификатот живееше скромно – користеше јавен превоз и живееше во обичен стан во Буенос Аирес. Како папа, се откажа од луксузни возила и наместо тоа се возеше во „Форд Фокус“ низ Рим.
Според порталот „Парада“, во моментот на неговата смрт во понеделникот, папата Франциск имал околу 100 долари кај себе. Вредноста на Ватикан, според проценки на банкари, изнесува меѓу 10 и 15 милијарди долари.
Папата Франциск почина на 21 април 2025 година, во 89. година од животот. Неговата погребна церемонија е закажана за во сабота.
Извор: b92.net

