Светот на работникот

НЕ ВЕ ПРИМИЈА НА РАБОТА? ИСКОРИСТЕТЕ ГО ТОА ЗА ДА НАЈДЕТЕ УШТЕ ПОДОБРА ПОЗИЦИЈА

Одбивањето не мора да значи крај – напротив, тоа може да биде почеток на нешто подобро. Ако не сте ја добиле работата која ја посакувавте, запомнете дека секој чекор напред значи нешто, дури и малите победи како посетување на networking настан или запишување нов курс.

Одбивањето е можност за нови врски

Доколку сте одбиени по интервју, тоа не мора да значи затворена врата. Џолен Андерсон, директорка за човечки ресурси и заедница во компанијата BetterUp, на конференцијата Uplift за CNBC Make It порача:
„Одбивањето е нова можност за проширување на мрежата.“

Иако е разочарувачки да чуеш „не сте избрани“, особено ако си вложил недели или месеци во процесот на селекција, тоа може да биде шанса. Во текот на процесот сте се запознале со регрутери, сте зборувале со членови од тимот, тие веќе знаат кој сте и што умеете. Тоа значи дека веќе сте создале мрежа во индустријата.

Бидете проактивни – испратете благодарност и прашајте за други можности

Ако сте се поврзале со некој особено добро, испратете му кратка порака на благодарност. Еве пример:

„Ви благодарам за времето и разговорот. Жал ми е што моите вештини не одговараа на оваа улога. Дали можеби постои друга можност во вашата компанија што би ми одговарала повеќе, или некој од вашата мрежа со кого би можеле да ме поврзете?“

Оваа порака можете да ја испратите по e-mail или преку LinkedIn. Можете и да побарате од регрутерот да ја проследи понатаму. Најлошото што може да се случи е да не добиете одговор – но не губите ништо.

Некои кандидати добиле работа преку вакви иницијативи

Андерсон признава дека и самата добивала вакви пораки и дека неколкумина кандидати ги препорачала на свои пријатели или ги поврзала со други компании – токму затоа што видела потенцијал во нив.
„На крајот на денот, сите сакаме луѓето да го најдат местото каде што ќе успеат, ќе придонесат и ќе се развиваат.“

Затоа, следниот пат кога ќе бидете одбиени – не тагувајте. Искористете го тоа како можност за ново познанство, нова мрежа – и можеби, нова работа.

Извор: BIZlife