Крај на фриленс бумот? Зошто опаѓа бројот на гиг работници во регионот?
Во првата половина на 2025 година, бројот на гиг работници во Југоисточна Европа продолжи да се намалува, како резултат на комбинација од глобална економска неизвесност, заситување на пазарот, зголемени можности за вработување на локално ниво и интензивна миграција на младите од регионот. Според најновите податоци од истражувањето Gigmetar, кое го претстави тимот од Центарот за истражување на јавни политики, бројот на активни работници на дигиталните платформи опаднал за дополнителни 0,7%.
Иако намалувањето е благо, ова е четврти квартал по ред со пад, што укажува дека растот кој доминираше последниве години е запрен. Најголем број од работниците што го напуштиле пазарот доаѓаат од секторите за развој на софтвер и креативни услуги – дури 90% од заминатите фриленсери се од овие две области.
„Овие промени не треба да се набљудуваат изолирано,“ вели Владан Ивановиќ, главен истражувач на Gigmetar и редовен професор на Економскиот факултет во Крагуевац. „Се работи за последица на комбинирани фактори – глобалната економска неизвесност, побавен раст, но и локални фактори, како што е јакнењето на домашниот пазар на труд, кој сега нуди подобри услови за вработување на стручната работна сила.“
Кои платформи доминираат?
Платформата Upwork останува најзастапена во регионот со 55,6% удел, но бележи пад во вкупното учество. Од друга страна, Freelancer и Guru забележуваат пораст, особено Freelancer со раст од 4,8%.
„Иако платформите не ги објавуваат сите податоци за активни корисници, нашата конзистентна методологија ни овозможува да ги следиме клучните трендови,“ вели Зоран Калиниќ, професор на Економскиот факултет во Крагуевац и член на тимот на Gigmetar.
Интересно е што само Романија забележала пораст на сите три платформи – од 0,5% на Guru до 4,8% на Freelancer. Најголем пад е евидентиран во Албанија и Македонија, и во апсолутни и во релативни бројки.
Кога се гледа исклучиво платформата Upwork, учеството на жените во гиг работата пораснало на 37,3%, главно поради тоа што падот бил поинтензивен кај мажите (3,5%) отколку кај жените (2,3%).
Пазарот достигна лимит?
„Зголемениот број фриленсери што го гледавме последниве години не можеше да трае бескрајно – пазарот веројатно ги достигна своите граници,“ изјави Бранка Анѓелковиќ, коосновачка и програмска директорка на Центарот за истражување на јавни политики.
Според неа, причините лежат и во подобрувањето на условите на домашниот и странскиот пазар на труд, но и во масовната миграција, особено изразена во земјите од Западен Балкан, каде младите сè почесто ги напуштаат своите матични земји.
Податоците покажуваат дека гиг работата станува помалку привлечна во земји што нудат повеќе можности за класично вработување. Така, Македонија има дури 7,3 пати повеќе гиг работници по глава на жител отколку Унгарија, која има најмал број фриленсери на 100.000 жители во регионот.
„Гледаме јасни разлики во начинот на кој земјите реагираат на истите надворешни влијанија,“ вели Тања Јакоби, извршна директорка на Центарот. „Во некои земји гиг работата останува привремено решение, додека во други, и покрај стагнацијата, таа сè уште претставува важна стратегија за преживување.“
Мали поместувања во цените
Просечната побарана цена на труд пораснала за само 2%. Највисока просечна цена и натаму има Хрватска (27 американски долари по час), додека Македонија е единствената земја под прагот од 20 долари (19,8 долари по час). Растот бил нешто поголем кај мажите (2,2%) отколку кај жените (1,8%).
„Иако жените сега сочинуваат поголем дел од фриленс популацијата отколку претходно, јазот во платите меѓу половите се продлабочува,“ смета Љубивоје Радоњиќ, асистент на Државниот универзитет во Нови Пазар. „Ова укажува дека повеќето фриленсерки остануваат во области што се помалку платени или имаат помала побарувачка.“
Извор: BIZLife.rs

