МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС јавно и на состаноци со Министерот Манчевски ги изнесе предлозите за предвремено пензионирање на административците

   Време за читање 3 минути

Конфедерацијата на слободни синдикати реагира на вчерашната изјава на Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во којшто вели дека КСС не ги изнела на маса предлозите за предвремено пензионирање на вишокот на администравци. 

Од КСС велат дека иако во минатото многу пати говореле дека Министерството се подготвува да ја намали јавната администрација по принципот на подобни и неподобни, еве сега истото со доказ се потврдува и од изјавата на Министерот.

„Прво што сакаме да ја прашаме и јавноста и целата Влада, зошто е потребно да се прави трансфер од јавен во приватен сектор, а од друга страна за овие неколку години се вработија преку 40,000 административци, а по кои кои критериуми и услови, знае целата јавност“, велат од КСС.

Од КСС потсетуваат дека последниве денови со потпишувањето на Колективниот договор со нему подобниот синдикат, каде што тој Колективен договор опфаќа преку 55,000 административни службеници, а тој синдикат нема ни 5% во тој сектор и затоа ние велиме дека е неуставен и дискриминирачки, што и само по себе одредбите да се додели К-15 на само 17,000 административци, што секако дека сите се согласија дека е очигледен предизборен поткуп, се отвора пат со одредбите од тој колективен договор каде што точно во одредени членови е пропишано како ќе се изврши трансферот од јавен во приватен сектор и да се реализира на мала врата.

„Не е точно дека Конфедерацијата на слободни синдикати ги нема доставено предлозите за предвремено пензионирање на дел од администрацијата, со што би се пренасочиле парите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и со што би се намалил бројот на администрацијата“, истакнаа од КСС.

Велат дека сите нивни укажувања дека со анкетните листови коишто се донесени пред два месеци на седница на Влада, со што им се дозволува на директорите да вршат функционална анализа, самостојно без никаков надзор и методологија, јасно укажува на класичен предизборен притисок врз јавниот сектор.  Посочуваат дека Вистината сепак полека излегува на површина и јасно низ изјавите на министерот се гледа со какви методи се служат во изминативе години, а од друга страна, велат, очигледно е дека не ги слушал или само формално седел на состаноците со нив затоа што и пред цела јавност му имаат предложено за ваква форма на реформата, која би била фер и коректна кон сите вработени во јавниот сектор.

„Затоа уште еднаш укажуваме дека со сета сила ќе се спротивставиме да ја сопреме таквата нетранспарентна и селективна реформа и го повикуваме Министерот сериозно да пристапи кон реформата во јавниот сектор затоа што едни исти работи ги слушаме многу долго време и влијаат на вработените, на нивните животи и цели семејства“, наведоа од КСС.

Порачаа дека КСС е тука и будно ќе ги следи сите следни чекори и ќе се спротивставува секогаш на ваквите методи во вистинска одбрана на работничките права.