Лошите услови за работа во градежништвото, ќе придонесат да нема мајстори во Македонија
Некои работодавачи, на почетокот од корона кризата, како што тие ја нарекувале, се обиделе да им ги намалат платите на градежните работници, но по нивната реакција било се поправени, велат од СГИП.

Доколку се излезе на терен ќе се види дека секторот градежништво и индустријата за градежни материјали работат во полн ек, истакнаа од Синдикатот за градежништво, индустрија и прокетирање – СГИП ексклузивно за порталот Работник.
Велат дека засега немаат поплаки за давање на откази или намалување на плати на работници од овој сектор, бидејќи работите течат.
„Не можеме да генерализираме и да кажеме за сите, но во оние компании каде СГИП има членови работите се одвиваат без престан. Имаше можеби на почетокот обид кај одредени работодавачи да се намалат платите поради Корона кризата како тие ја нарекуваа, но со наша реакција се беше поправено. Имаме навистина голем број на работници во изолација поради вирусот како и работници во изолација поради контакт со заразено лице, но немаме поплаки за намалени плати поради овие отсуства од работа“, велат од СГИП.
Посочија дека најголем дел од работниците одат на работа и работните задачи се извршуваат преку мерки кои од СГИП ги преточиле во водилка за безбедност и здравје при работа за секторот градежништво. Она што според нив е најголем хендикеп е самата работа поради тешите и сложени услови за работа, поради кои работниците не можат во целост да ги почитуваат мерките против Ковид -19, во смисла на физичка дистанца и хигиена.
На прашањето на Порталот Работник дали очекуваат да продолжи одливот на работници од градежниот сектор од СГИП велат дека одлив на градежни работници имало и пред оваа криза.
Истакнаа дека не може да се каже со сигурност дека нема да има повторно работници кои својата среќа ќе ја побараат надвор од гранците на Македонија, нагласувајќи дека тоа е нивен избор и загарантирано човеково право.
„Она што треба да не засега сите е токму тоа што го прашувате, условите за работа. Тоа е нешто што мора да се поправи во најскоро време доколку бизнис заедницата сака да има на пазарот на труд градежни работници. Не лоши туку ќе кажам мизерни услови за работа има во многу компании, “човек-фирма” кои се во најголем процент нелојална конкуренција на оние компании кои навистина почитуваат Закон и Социјален дијалог“, велат од СГИП.
Подвлекоа дека во секторот огромен е бројот на непријавени работници и работници кои работат за дневница без никаква заштитна опрема, пред се. Велат дека самите работни места се со висок степен на ризик и покрај изложеноста на надворешни влијанија.
Еден од недостатоците на овој сектор се и ниските плати кои, според СГИП, младите луѓе ги тераат воопшто да не се образуваат за оваа дејност, ниту пак да се доквалификуваат. Поради тоа, сметаат дека потешко ќе има стручен кадар во градежништвото, а ќе има поголем одлив на работници во високо развиените земји од Западна Европа.
Порачуваат дека доколку породолжи овој тренд во целиот Западен Балкан, Македонија ќе остане без мајстори во секторот.
Ставот на СГИП е дека за да се спречи одливот на градежни работници од Македонија, потребни се промени, како подобрување на платите и условите во кои работат градежните работници.
Истакнаа дека треба да се прифати и нивната иницијатива за воведување на бенефициран стаж за градежните работници која, како што велат, сти нереализирана од ниедна Влада од 2012 година.
„Оваа иницијатива од сите страни во социјалниот дијалог беше прифатена и договорена, за на крајот претставниците на власта не го потпишат Правилникот за бенифициран стаж и со тоа извисат огромен број работници од секторот градежништво и индустријата за градежни материјали“, велат од СГИП.
Посочија дека потребно е и да се воведе пракса во средните технички училишта.
Останатите барања кои ги посочија се:
- да се применуваат Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа кои, според нив, се заборавени од трудовите инспектор;
- да се казнуваат несовесните работодавачи и кривично да се одговара за она што не се почитува на терен; да се зачленуваат работниците во Синдикат, а работодавачите во Организациите на работодавачи како би имале поголем процент репрезентативност и подобар Економско-социјален дијалог во државата помеѓу сите засегнати страни. Со тоа би имале и Колективни договори кои ќе доуредуваат поголеми права за работниците од Законите;
- да се исплаќаат редовно платите, прекувремените часови работа, надоместоците и додатоците на плата кои следат согласно Закон и Колективен договор, а не да се прикрива добивката и да се изнаоѓаат најразлични форми на манипулација за да не се плати еден регрес за годишен одмор кој е и повеќе од заслужен за работата на работниците во текот на годината;
- да се слуша гласот на работникот кој некако во изминатиов период е заборавен од властите, а при тоа сите знаеме дека буџетот се полни токму од нашите работници. Само така може да имаме подобри услови за работа, а помалку одлив на работници гледано генерално за многу дејности, бидејќи проблемот не е само во овој сектор.
Секторот градежништво е еден од најризичните за работа. Статиските покажуваат дека најмногу работници се повредуваат или ги губат своите животи, токму во овој сектор.
Бобан Илијевски
Фото: Pixbay

