Лукаревска: Казната за фирмите за непочитување на мерките е 1000 евра и затворање за повторен прекршок
За самостоен вршител на дејност глобата е 500 евра, додека за правно лице е 1000 евра за утврдени неправилности и непочитување на мерките. При првото констатирање на прекршок има парична глоба, а при следните има и забрана за вршење на дејност“ рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска во „Топ тема“ на Телма.
Таа додаде дека кај правните лица, освен казна за деловниот субјект пропишана е и глоба за одговорното лице, која е помала.
Директорката на УЈП повика деловните субјекти да не прават профит на грбот на граѓаните, туку да ги почитуваат мерките кои се наменети за заштита на животниот стандард.
„Некој се труди да ги избегне законските обврски. Наша обврска е да го заштитиме буџетот и да овозможиме законито работење на сите даночни обврзници. Токму затоа нашите инспектори се на терен“ рече Лукаревска.
Таа истакна дека повеќе од 300 инспектори од УЈП се во сите подржуници на КАМ маркетите, каде се утврдени неправилности.
-По теренските контроли и пријавите од граѓаните, увидени се неправилности во КАМ маркетите поради што се контролираат 84 нивни објекти во целата држава. Дел од основните производи не беа ставени во ставката Г каде што требаше. Во одредени деловни единици постои ставката и сите се ставени, но во одредени не се почитува до крај. За сите, но особено за големите даночни обврзници е неспорно дека мора да ги почитуваат законските обврски, рече Лукаревска.
Таа додаде дека се прави генерална контрола за да се испита и дали има разлика во материјалното и финансико работење со сметководствената евиденција.

