Македонија има едни од најниските угостителски цени во соседството, но има и една од најниските просечни плати
Бобан Илијевски
Македонија е една од најевтините држави во соседството, гледано според цените во угостителските објекти, во регионот. Ова го покажува веб страната „Numbeo“ којашто дава просек на цените во државите и градовите во светот.
Па така, според оваа веб страна едно јадење во евтин ресторан во Македонија чини во просек некаде околу 3,25 евра, додека пак три јадења (појадок, ручек и вечера) за двајца, во ресторан од среден ранг чинат 16,24 евра.
Во однос на пијалаците, една кригла од 0,5 литри во угостителски објекти, според процените на оваа веб страна, чини 1,30 евра, а увезено шише пиво од 0,33 литри чини 1,62 евра. Топлите напитоци, поточно едно регуларно капучино во просек чини 1,12 евра. Што се однесува до соковите, едно шише Пепси или Кока – Кола од 0,33 литри чини 1,05 евра, додека флаширана вода од исто толку литри, чини 0,72 евра.
Во нашиот северен сосед, Србија цените во угостителските објекти се нешто повисоки, а според веб страната „Numbeo“ трошоците за живот се за 14,57 % поголеми од Македонија. Едно јадење во евтин ресторан во Србија, во просек чини 5,10 евра, што не е и многу поскапо од цената во Македонија. Три јадења за двајца, во ресторан од среден ранг чинат 21,24 евра. Една кригла домашно пиво од 0,5 литри чини 1,40 евра, а едно шише увезено пиво од 0,33 литри чини 1,78 евра. Капучиното изнесува во просек 1,20 евра, Кока – Кола или Пепси од 0,33 – 1,24 евра и шише вода од 0,33 литри – 0,83 евра.
Албанските угостителски објекти исто така имаат малку поскапи цени од тие во Македонија. Таму едно јадење во евтин ресторан во просек изнесува 4,87 евра, три јадења во ресторан од среден ранг чинат 22,71 евра, кригла домашно пиво од 0,5 литри – 1,22 евра, едно шише увезено пиво од 0,33 литри – 1,78 евра, капучино – 1,13 евра, Кока – Кола или Пепси од 0,33 литри – 1,03 евра и шише вода со иста количина – 0,50 евра. Трошоците на живот во Албанија се за 15,39 % поголеми од Македонија.
Во Косово, едно јадење во евтин ресторан чини 3 евра, три јадења во ресторан од среден ранг чинат 15 евра, кригла домашно пиво од 0,5 литри чини 1,50 евра, шише увезено пиво од 0,33 литри – 2 евра, капучино – 0,91 евро, Кока – Кола или Пепси од 0,33 литри -0,98 евра и шише вода од истата количина – 0,54 евра. Трошоците на живот се за 15,01 % пониски од тие во Македонија.
Бугарија, во однос на угостителските услуги има слични цени со Србија. Едно јадење во евтин ресторан во Бугарија чини 5,11 евра. Три јадења за двајца во ресторан од среден ранг чинат 23,01 евра, една кригла домашно пиво од 0,5 литри – 1,13 евра, шише увезено пиво од 0,33 литри – 1,53 евра, капучино – 1,18 евра, Кока – Кола или Пепси од 0,33 – 0,87 евра додека шише вода чини 0,55 евра. Тамошните трошоци на живот се за 18,02 % поголеми од тие во Македонија.
Грција ги има едни од најскапите угостителски услуги во соседството. Едно јадење во евтин ресторан таму изнесува 10 евра, три јадења за двајца во ресторан од среден ранг изнесуваат 35 евра, кригла домашно пиво од 0,5 литри и шише увезено пиво од 0,33 литри имаат иста просечна цена – 4 евра. Капучиното чини 2,87 евра, Кока – Кола или Пепси од 0,33 литри 1,66 евра и водата изнесува речиси едно евро, односно поточно 0,50 евра. Трошоците на живот во Грција се за 77,39 % поголеми од Македонија.
Кога ќе се земат во предвид просечните нето плати во овие четири држави, заклучокот е дека Грција има највисоки цени на угостителските услуги, но има и највисока просечна плата. Таа изнесува околу 2,430 евра. Во Косово изнесува околу 416 евра, во Бугарија изнесува околу 1,582 евра, Албанија околу 780 евра и во Србија изнесува околу 554 евра.Во Македонија, согласно податоците на Државниот завод за статистика, во март месец просечната нето плата изнесува 458 евра.
Во Македонија, согласно податоците на Државниот завод за статистика, во март месец просечната нето плата изнесувала 458 евра.
Што е угостителска услуга?
Претседателот на Независната угостителска комора и воедно сопственик на угостителски објект, Здравко Јосифовски, за „Работник“ објасни што е тоа угостителска услуга и кои параметри ја сочинуваат.
Под т.н. угостителски услуги опфатени се производни услуги на подготовка или поедноставно кажано производство на храна и пијалоци и давање на угостителски услуги кои се поделени во два дела и тоа послужување на подготвена храна и пијалоци и сместување во сместувачки капацитети за престој и одмор односно, обезбедување апартман, соба или кревет за преноќување или пладневен одмор, вели Јосифовски.
Како и во останатите производни и/или услужни индустрии во формирањето на крајната цена во угостителската услуга учествуваат сите битни елементи составени од фиксни и варијабилни трошоци, истакна тој.
„Во овие трошоци припаѓаат набавна цена на производите – потребните репроматеријали, трошоци за производство, трошоци за ангажирана работна сила, маркетинг трошоци, тековни трошоци за работење на друштвото и нормално да не ги заборавиме и трошоци за амортизација од инвестиција во неопходна опрема, инвентар и објекти каде се реализираат овие услуги“, рече Јосифовски.
Потенцираше дека наведените параметри се основните и најбитните кои влијаат во сочинувањето на цената на угостителската услуга.
Фото: Pexels

