ИнтервјуаСветот на работникот

Максимална слобода при договарањето на правата и обврските помеѓу работниците и работодавачите – Втор дел од интервјуто со правниот консултант, Јован Најденовски

Во вториот дел од интервјуто со правниот консултант Јован Најденовски разговараме за воспоставување на рамноправност помеѓу договорните страни (работник – работодавач) и потребата од максимална слобода при засновање на работниот однос.

Во Европа, а особено кај нас, сѐ уште се оперира со застарени социолошки дефиниции околу односите помеѓу работодавачот и работникот. Вака Најденовски го започна одговорот.

„Дури и во документите на меѓународните организации, вклучително и во оние на Меѓународната организација на трудот, работникот директно или индиректно се третира како послаба договорна страна. Во денешно време, во контекст на европскиот пазар, ова е нонсенс“, рече Најденовски.

Нашиот соговорник посочи дека порано имало социјализам како преоден пат до комунзизам, но дека како општество сме се вратиле во понапредна форма на капитализам од причина што сме оцениле дека производните сили не се доволно созреани за претходната. „Меѓутоа, дури и во тие традиционални сфаќања за развојот на производните сили и средства за работење, јасно е дека треба да произлезе соодветно нормирање на нови, посовремени работни односи. Ако имаме развој на производните сили, тогаш мора да имаме и развој на работните односи. Меѓусебната условеност за развој на овие два правни институти, како што реков, е традиционална норма и е нешто што е точно и треба да се почитува, затоа што праксата го покажала тоа“.

Најденовски е дециден дека регулативата не може да замижува на фактот дека производните сили, алатките и средствата за работа, во последените години бележат револуционерен развој. Таа треба ова да го следи и следствено да овозможи развој и на работните односи.

„Работните односи мора да бидат изменети и легални, за да не се менуваат стихијно. Треба да бидат нормирани од страна на законодавците, но тие не го прават тоа. На многу европски јуридискиции, а на нашата константно, им недостасува конзистентност и навременост во промената на регулативата“, вели правниот консултант.

Тука може да се обелодени и проблемот на глобализацијата на пазарот на труд која според зборовите на нашиот соговорник, во последниве три децении засилено се пропагира на ниво на некаква мантра, паралено со тоа и на глобализацијата на пазарите на планетарно ниво. Во овој аспект, како што вели тој, се појавува и проблемот на неглобализирање на цената на трудот, каде што е потребна дополнителна регулација.

„Значи, од една страна имаме залагање за глобализација на светските пазари, да паднат границите на заработка, на давање услуги, производство на планетарно ниво, но некако се занемарува процесот или се користи само како поттикнувачки фактор разликата во цената на трудот“, рече Најденовски и додаде: „И затоа сега гигантите од најразвиените држави, каде што се и највисоки платите, трудоинтензитивните производства, а потоа и давателите на интелектуален труд (она што не генерира материјална стока како произовод), ги преселија во сиромашните земји. Зошто? Поради единствената предност – ниската цена на работната сила“.

Со оглед на тоа дека државите драматично доцнат со регулирањето на работните односи, најдобро и наједноставно решение, според него, е јасно и недвосмислено да се гарантира слободата на договарање помеѓу работникот и работодавачот, и на индивидуално и на колективно ниво, по принцип на апсолутна еднаквост во рамките на дефиниран, но широк простор за слободно изразување на договорната волја.

На овој начин, вели нашиот соговорник, договарачите заедно ќе можат да се спогодат за сите меѓусебно договорени права и обврски, без привилегии дадени со закон кој го гледа работникот како послабата договорна страна.

На крајот, Најденовски рече дека на многумина ќе им звучи изненадувачки, но работниците во реалниот сектор во Македонија не се послабата договорна страна.

Линк од првиот дел:

Кај ваквите типови на организации не би имало потреба од уредување на прекувремената работа и останатите додатоци – Интервју со Јован Најденовски, правен консултант

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk