НовостиПравда

Медиумите и пандемијата: Саморегулацијата на медиумите да добие силна поддршка

   Време за читање 4 минути

Советот за етика во медиумите (СЕММ), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска организираа настан за медиумската саморегулација и за тоа што донесе пандемијата. Главна констатација беше дека најмногу прекршување на новинарските стандардите за време на корона кризата имало од страна на онлајн медиумите, а прекршувања имало и на социјалните мрежи. Беше потенцирано дека саморегулацијата на медиумите треба да добие силна поддршка.

-Новинарите се соочија со исклучителни предизвици известувајќи за коронакризата во изминатата година и половина. Освен интензивното известување за вирусот, новинарите се бореа со она што СЗО го нарекува инфодемија. Во време на здравствена криза дезинформациите и гласините можат нашироко да се шират. За жал, крајниот резултат може да биде натамошна стигматизација, дискриминација и исклучување на луѓето одобено оние кои припаѓаат на немнозински или ранливи групи, рече Илона Казарјан, rаководителка на Отсекот за комуникации и односи со медиумите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Казарјан рече дека најпогодени се онлајн медиумите и социјалните мрежи преку кои лесно можат да се пренесат овие дезинформации. Таа се повика на едно истражување на Македонскиот институт за медиуми за известување за време на пандемијата Ковид-19, кое покажало дека околу 39,7 проценти од населението во земјата верува дека дезинформациите и таканаречените лажни вести сериозно го нарушуваат кредибилитетот на медiумите, посочувајќи на онлајн медиумите и социјалните мрежи како најлесна мета.

Претседателката на Советот за етика во медиумите Катарина Синадиновска се заблагодари за поддршката од ОБСЕ и посочи дека саморегулацијата останува една од алатките со кои можат да се подобрат состојбите во медиумите, особено во онлајн медиумите. Искажа пофалби за колеги новинари кои професионално известувале за пандемијата со Ковид-19 во вакви околности, но истовремено и разочараност од дел од нив.

-Саморегулацијата како процес, особено, во делот на онлајн медиумите, што ги посочивме како главни прекршувачи на новинарските стандарди, е нешто што треба да добие силна поддршка. Ние во текот на оваа тешка година ги изготвивме насоките за етичко известување, имамвме многу реакции јавни, опомени до оние кои ги прекршуваа стандардите, не се соочивме само со Ковид, се соочивме и со избори, и она што е најважно гледавме да го промовираме што повеќе Регистарот на онлајн медиуми како едно од клучните алатки за поделба на медиумите по нивната професионална оска, рече Синадиновска.

Претседателот на Комисијата за жалби на СЕММ Мирче Адамчевски информираше дека се зголемила бројката на жалби до нив, како и дека дури 70 проценти од жалбите се однесувале за известување за коронавирусот.

-Од крајот на февруари лани и почетокот на март кога ја добивме првата претставка поврзана со коронавирусот, па до почетокот на изборите накаде во јули, од вкупниот број доминираа токму тие. Најмногу имаше претставки поврзани со коронавирусот. Дојде до нагло зголемување на жалбите. Добивме 140 жалби лани, што е речиси 70 проценти повеќе од годината пред тоа. За неколку месеци ние добивме над 30 жалби, рече Адамчевски.

Прекршување на членот 1 од Кодексот на новинарите што се однесува на објавување на точни и проверени информации е утврдено во речиси од половината случаи, додека сензационалистичко известување е утврдено кај една третина од пријавените случаи.

-Граѓаните реагираа и за обидите за политизирање на коронавирусот во медиумите, а во 13 случаи е утврдено дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политички субјекти, рече Адамчевски.