Мицкоски: Очекувам утре РКЕ да ја намали цената на бензинот и дизелот за по 1,5 денари
Ново намалување на цените на горивата за од утре, најави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес конференција. Тој објасни дека според владините пресметки се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука со која бензините и дизелот ќе поевтинат за околу денар и половина.
Мицкоски нагласи и дека на сила останува и договорениот попуст со компанијата ОКТА, според кој дизелот е поевтин за два денара по литар, а бензините за три денари, оценувајќи дека Македонија има најниски цени на горивата во регионот.
„Очигледно е дека мерките на Владата придонесоа да сме трета земја во Европа според обемот на мерки кои се имплементирани за да се амортизира енергетската криза и да бидеме држава со најниска цена на горива. Ова го кажува Меѓународниот монетарен фонд“, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека Владата навремено реагирала на енергетските предизвици и дека мерките се приспособуваат на глобалните движења на цените преку инструментите како ДДВ и акцизите.
Тој ја обвини опозициската СДСМ дека ширела невистини во јавноста.
„СДСМ лажеше за мигранти, лажеше дека ќе сме банкротирале, лажеше дека нема да има за пензии, па така излажа и за мерките кои ги применивме. Подготвени ја пречекавме енергетската криза која зависи од геополитичките случувања. Според Меѓународниот монетарен фонд ние сме на третото место во Европа“, изјави Мицкоски.

