ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Му доаѓа дека имаме доволно неквалификувани работници за Германија да земе 50,000?!

Поплаките од страна на работодавачите во текстилната индустрија за тоа дека има многу нарачки, но нема работници изнудија многу реакции кај граѓаните. Најголемиот дел од нив, благо кажано, се исполенти со лутина. Велат и дека текстилната индустрија не е единствената каде што недостига работна сила, така е речиси во сите сектори.

Преку социјалните мрежи, граѓаните им порачаа на работодавачите да ги зголемат платите и да им ги исплаќаат сите права кои им следуваат на работниците за да ги задржат во земјава. Велат дека кај работниците се‘ повеќе се буди свеста, па заминуваат во државите од Западна Европа, каде што платите се многу поголеми, но и повеќе се почитуваат работничките права.

На работодавачите во Македонија им се отвори уште еден голем проблем – Германија. Најсилната европска економија недоамна објави дека за годинава ќе ѝ требаат 50,000 неквалификувани работници, а нивен примарен таргет се работниците од Западен Балакан оти ценат дека луѓето од овој регион се повеќе работливи, чесни и лојални.

Бизнисменот Горан Рафајловски смета дека Германија е економски непријател на Балканот. Според него, наместо 50,000 од овој регион, ќе заминат три пати повеќе работници, и тоа не само неквалификувани, туку и работна сила која во голема мера ѝ е потребна на Македонија, пренесува порталот Денар.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека од 115,000 невработени, 65 % се неквалификувани, односно се само со основно образование или немаат завршено средно образование. Овој процент на работници одговара на бројката којашто ѝ е потребна на најразвиената економија во Европа, па постои голема опасност да се одлеат.

Ресорното министерство вели дека според инфорамциите кои ги имаат на располагање, македонските компании се заинтересирани за неквалификуваните работници и дека оваа година преку мерките од Оперативниот план за вработување ќе работат во насока на тоа да ги преквалификуваат и доквалификуваат граѓаните кои немаат соодветни вештини или чии вештини не се совпаѓаат со оние кои им се потребни на компаниите.

„Неквалификуваните работници, се наш таргет во Оперативниот план за вработување за 2023 година. Со прекфалификација и докфалификација да ги оспособиме со вештини кои што одговараат на потребите на работодавачите. Затоа Оперативниот план го правевме со Стопанската комора со Организација на работодавачи, и со компаниите кои се во ТИРЗ зоните. И така ќе може да видиме што е тоа како работна сила која им е потребна на компаниите“, велат од МТСП, пренесува Денар.

Недостигот на работна сила е болна точка на речиси сите држави ширум Европа и светот, па заради тоа им овоозможуваат низа на олеснувања за работниците од земјите кои не се членки на Европската унија. На пример, планот на Германија вклучува рокот за добивање на пасош кој моментално изнесува пет години, да се скрати уште повеќе.

Тука не треба да се заборави и фактот дека моделот на работата на далечина им овозможи на компаниите ширум светот да регрутираат работници од било која држава, со што во голема мера се прави напор за да се привлечат млади талентирани луѓе од целиот свет, вклучително и од Македонија.

Податоците покажуваат дека секој 1,000 вработен во земјава е фриленсер (работи на далечина), а само преку фриленсинг платформата „Upwork“ работат околу 3,200 работници од Македонија или 22 % од вкупниот број на работници од земјите од Западен Балкан.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk