На вработените во градинките ќе им се исплатат платите за деновите во кои штрајкуваа
Претставниците на Министерството за труд и социјална политика и на СОНК ги потпишаа измените и дополнувањата на Колективниот договор со кој се регулира исплатата на плати и придонеси за време на штрајк, рече Министерката Јована Тренчевска, по завршувањето на средбата со СОНК.
Таа истакна дека помеѓу СОНК и МОН било донесено решение со коешто двете страни се согласиле платите во детските градинки и образованието да се зголемат за 15 %, додавајќи дека барањата од штрајкот се исполнети.
Тренчевска рече дека ќе се потпише и нов Колективен договор и дека по 24 мај работните групи коишто се веќе дефинирани и формирани од двете страни ќе работат на овој договор, по што до крајот на месец мај истиот ќе биде донесен, а со истиот ќе бидат овозможени дополнителни права на вработените во градинките.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека денска го заокружиле процесот на преговори во однос на барањата СОНК кон МТСП.
Она што беше како спорно, исплата на дневници на вработените во детските градинки кои штрајкуваа, денеска со измена на Колективниот договор во тој дел, го регулиравме и ова право на вработените, што сметаме дека од разни причини се дискриминирани и не беше во ред да им се скрати од платите. Министерката имаше разбирање за тоа што го баравме. Го усогласивме и овој дел и сметам дека процесот на преговори со Министерството е конечно затворен, рече Неделков.
Тренчевска на новинарско прашање рече дека платите ќе бидат исплатени согласно измените на колективниот договор, но не потврди како ќе бидат исплатени.

