СТВ: И покрај бројните притисоци, СОНК се избори за своите членови
Синдикатот за транспорт и врски – СТВ го поздравува успешниот исход од штрајкот на нашиот братски синдикат СОНК, со кој вработените во детската заштита, основното и средното образование добија зголемување на платите од 15 % кои ќе бидат исплатени со септемвриските плати и дополнителни 3,4 % од следната тековна година. СОНК се избори и за потпишување на нови колективни договори во горе споменатите дејности, што е уште еден голем исчекор во унапредувањето на правата на вработените во овие дејности.
Од самиот почеток го следевме Генералниот штрајк на нашиот братски синдикат и бевме сведоци на сите предизвици и препреки со кој се соочи. Членовите коишто штрајкуваа беа изложени на силни притисоци од страна на надлежните, но и покрај тоа, тие останаа истрајни и упорни во намерата да се изборат за своите права.
Подвигот на СОНК е доказ дека во Македонија има синдикати коишто се независни и се подготвени и покрај силните притисоци, да се изборат за она што законски им следува на вработените.
Покрај тоа што се избори за унапредување на правата на вработените, СОНК успеа да им овозможи на вработените во образованието кои штрајкуваа, да земат целосни плати.
Се надеваме дека и Министерството за труд и социјална политика ќе покаже разбирање и ќе се согласи да им исплати целосни плати на вработените во детските градинки кои штрајкуваа.

