НовостиСветот на работникот

На Европа до 2030 ќе и требаат 11 милиони здравствени работници – Што ова ќе значи за нас?

   Време за читање 2 минути

До 2030 година во Европската унија ќе бидат потребни дополнителни 11 милиони здравствени работници за долготрајна нега за да се задоволат барањата кои со себе ги носи стареењето на населението, покажува извештајот кој во четвртокот го објавил Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија. 

Голем дел од потребата за таква работна сила сега ја обезбедуваат домашните системи на образование и оспособување, но се поголема улога имаат миграцијата и мобилноста на работната сила внатре во ЕУ, пренесува Пословни дневник. 

Во 2018 година имало речиси два милиони здравствени и работници за долготрајна нега кои не се родени во земјата во која работат. 

Иако бројот на странските работници во долготрајната нега и здравствената заштита во последните години пораснал во ЕУ и достигнал 13,2 % од вкупната работна сила во тој сектор, тој раст значително е помал отколку во Велика Британија или САД. Освен тоа, тој раст во ЕУ не е подеднакво распореден, две третини од нив работат во само пет држави членки – Германија, Италија, Шведска, Франција и Шпанија. 

Во извештајот се идентификуваат неколку предизвици кои, доколку се решат, можат да помогнат во поттикнување на мобилноста и осолободувањето на целосниот потенцијал на трети земји, за да придонесат за ублажување на притисокот од недостатокот на работна сила во тие сектори. 

Авторите на извештајот препорачуваат интегрирање на сегашните канали на миграција на работната сила со поконкретни чекори за здравството и системот на долготрајна нега, што би можело да предизвика миграција во две насоки, носејќи корист како за земјите од кои потекнуваат, така и за земјите во кои работат. 

Од Македонија, пред пандемијата предизвикана од Ковид – 19 имаше голем одлив на здравствени работници коишто заминуваа во Германија, незадоволни од заработувачката во сопствената држава. Со оглед на тоа што Германија најави дека штом помине кризата ќе продолжи да прима работници од Западен Балкан, како и што наложува Правилото кое важи до 31 декември 2023 година, се поставува прашањето дали по завршувањето на пандемијата Македонија ќе ја напуштат голем број на здравствени работници, особено оние коишто беа и се уште се на првата линија на фронтот во борбата со Ковид – 19. 

Фото: Pixbay