Некои од македонските конфекции започнале да отпуштаат работници поради рестрикциите во Европа
Текстилната индустрија повторно е доведена во тешка ситуација, поради рестрикциите во одредени делови на Европа, како последица на новите мутации од коронавирусот.
Претседателот на Организацијата на Работодавачи на Македонија Ангел Димитров е категоричен дека текстилната индустрија ќе биде една од најпогодените гранки поради рестриктивните мерки во Европа. Поради рестрикциите, истакна Димитров, и затворањето на малопродажните објекти во март, април и мај минатата година, магацините за готови производи се полни. Странските партнери изнајмиле дополнителни магацински простори за да ја складираат стоката која ја произвеле македонските текстилни компании во втората половина на 2020 година.
„Случувањата во Западна Европа, а особено во Германија, како наш нај голем трговски партнер, многу негативно ќе се одразат на нашето стопанство. Големите рестрикции во Европа скоро целосно ја запреа продажбата на стоките кои Македонија ги извезува за тамошниот пазар“, вели Димитров.
Во моментов, вели, освен интернет продажбата која сеуште изнесува мал процент од вкупната продажба на облека, целокупната продажба е стопирана.
Според Димитров, ова значи дека во февруари, март и април конфекциите ќе останат без работа или со големо намалување на производството.
Маријана Перковска од Текстилниот кластер за порталот Фактор објаснува дека фирмите веќе се погодени, и оваа 2021 година ќе биде пресудна за нив, дали ќе опстанат или ќе пропаднат.
„Апсолутно фирмите се погодени, и немаат нови налози, така што работата кај некои е на 30 отсто. Ќе бидат во криза и малите и големите компании, но дури мислам дека на големите текстилни компании ќе им биде потешко затоа што за нив е потребно да имаат поголем обем на работа. Сега е тешко компаниите да работат, но и да затворат, затоа што по закон ќе треба да дадат отпремнина. Текстилните фирми сега не знаат како ќе исплатат плати, струја и други трошоци. Состојбата не да е алармантна, тука е страшна. Стабилизација може да се очекува дури во втората половина на годината, во јули, август, септември“, вели Перковска.
Перковска истакна дека домашниот пазар скоро и да не може да помогне, затоа што побарувачката е падната, и куповната моќ е намалена. Вели луѓето добија картички, но со тие пари првенствено купуваат храна.
Замената на субвенционирањето на плати со бескаматни кредити го зголеми песимизот кај менаџерите.
Најавите од страна на Владата дека се размислува мерката субвенционирање на плати да се замени со бескаматни кредити, посочи Димитров, дополнително го зголеми песимизмот кај менаџерите од овој сектор и некои од нив веќе започнале да отпуштаат работници.
Нагласува дека неизвесноста е уште поголема, затоа што не се знае до кога ќе потраат рестрикциите во Европа.
Единствен начин да се задржат работните места, според него е Владата да ги субвенционира изгубените работни часови.
„Оваа мерка постои во Европа и таму сметаат дека таа е суштинска за задржување на работниците. Во суштина ако работодавачот има 200 вработени, а работата му е намалена за 50%, има два избора: првиот да напушти 100 вработени, а останатите да работат со полно работно време или да го намали работното време за 50%. Во тој случај, ако државата му даде помош за игубените половина работни часови, тој ќе ги задржи сите вработени, затоа што е свесен дека оние кои ќе ги напушти ќе биде многу тешко повторно да ги вработи во некои идни подобри времиња“, вели Димитров.
Порача дека без ваква мерка постои опасност многу фирми да не преживеат и да отидат во стечај и ликвидација, а сите работници да заминат во Агенцијата за вработување. Ова е нај лошото сценарио кое може да се случи.
Имено, текстилната индустрија вработува околу 35,000 работници во Македонија, но со оглед на кризата предизвикана од корона вирусот, претпоставката е дека оваа бројка е намалена.
Бобан Илијевски

