Не може некој што нема работното искуство во секторот, веднаш да зема голема плата
Мене ми е многу жал што луѓето кои се преориентираат од друга струка во угостителската, имаат очекувања за голема плата, но морам да ги разочарам дека сепак искуството и професионалноста во една работа носат поголема плата, рече потпретседателот на Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија, Сашко Папулев, зборувајќи за оние луѓе кои немаат претходно работно искуство во угостителскиот сектор, а очекуваат големи плати во угостителскиот сектор во Хрватска.
Ако почнуваш во некоја работа првпат, на почетокот ќе земеш помала плата додека не стекнеш поголемо искуство. Оваа година имавме забелешки од дел од нашите членови кои се преориентираа во угостителството, а претходно работеле во друга професија, за платите. Моравме да ги разочараме. Хрватска дава поголеми плати, но за да земеш поголема вредност, мора да дадеш поголема вредност. Мораш да имаш знаење и познавање од таа работа, за да земеш поголема плата, вели Папулев.
Оние што уште пред три години заминале во Хрватска, земале мали плати, но тие биле истрајни и се стекнале со искуство, а со тоа им се зголемувале и платите. Задоволни се и сезоната во Хрватска ја планираат секоја година.
Папулев рече и дека биле напаѓани од страна на македонските работодавачи дека ги иселувале работниците од Македонија.
Вината за тоа што заминуваат нашите работници, пред сѐ, лежи во нив, затоа што никогаш не пружија рака да кажат, имаме заеднички проблем, ајде да го решиме. Да видиме што фали во секторот, дали плати, дали услови, па да дојдеме до заедничко решение и да ги мотивираме луѓето да останат тука. Ние би биле повеќе од среќни кога нашите би останале да работат во нашите угостителски компании, посочи Папулев.
Како по примерот на Хрватска, потребно е вработените во угостителскиот сектор да станат дел од синдикатот и тој да склучи колективни договори со компаниите, со кои би се утврдиле правата и обврските на вработените и компаниите.
Папулев смета дека никогаш не е доцна да се изгради партнерски односи помеѓу синдикатот и работодавачите. На тој начин бенефит би имале самите работодавачи.
Фото: Freepik

