КолумниНовости

„Не ја суди книгата по нејзините корици“

   Време за читање 4 минути

Бобан Илијевски

Морам да потенцирам дека еден од најголемите проблеми во нашето општество е немањето на солидарност помеѓу самите работници. Зошто го велам ова? Пред некој ден порталот „Работник“ објави дека вработени во Катастар – Скопје до крајот на неделата ќе работат без клима, по што следуваа бура на коментари во кои видов нехуманост, нечовечност и немање емпатија. Јасно ми е дека многумина од граѓаните ги гледаат вработените во државната администрација како неработници, како да земаат огромни плати и притоа цело време да спијат… Верувајте и јас мислев така до пред некое време, но реалноста е сосема поинаква.

Имено, голем дел од вработените во администрацијата земаат од 15,000 до 17,000 денари плата, што значи дека нивните примања се минимални. Кога ќе се земе ова во предвид, излегува дека и тие се ставени во неповолна положба. Да не бидам погрешно сфатен, во ниеден случај не сакам да направам споредба помеѓу административците и оние коишто работат во приватниот сектор, како градежни работници, земјоделци и т.н. Нивната работа е физичка и тие се изложени на поголеми ризици, за разлика од вработените во државната администрација. Но, од друга страна, како и што наведов погоре, примањата на голем дел од административците се ниски, притоа трпат и постојани притисоци од тие над нив, па така не може да се каже дека и нив им е лесно. Да бидеме на чисто, најголемите неработници меѓу административците се оние коишто се партиски примени. Не работат бидејќи, партијата којашто ги вработила, а којашто е на власт „им го чува грбот“. Оние коишто се вработени на транспарентен начин, иако се огорчени поради ниските плати, но сепак ја работат работата како што треба.

Самите политички партии кои досега беа и се на власт придонесоа кон тоа да народот изразува омраза кон вработените во администрацијата. Како што гледам, ова нема скоро да се промени, со оглед на тоа дека се е исто.

Мислам дека најмалку што можеме да направиме е да изразиме барем малку емпатија кон оние коишто работат во јавниот сектор кои иако се подобро ситуирани од вработените во приватниот сектор, но сепак имаат свои проблеми.

Изминатата година, глобалната пандемија предизвикана од вирусот Ковид – 19 во голем дел негативно се одрази врз повеќе аспекти од државата, меѓу кои и економијата, па многумина работници ги изгубија своите работни места. Има вработени во администрацијата, приматели на плата од 15,000 до 17,000 денари, чиишто сопрузи или сопруги работеле во приватниот сектор, но го изгубиле своето работно место, со што нивниот живот значително се отежнал, бидејќи со 15 или 17,000 денари не можеш да преживееш месечно сам, а не па да имаш семејство. Сопругата останала без работа, ти работиш во администрација за 17,000 денари плата и имаш две деца. Како ќе успееш со овие пари да ги задоволиш потребите на двете деца. И да работиш од дома, повторно овие пари нема да ти стигнат за да го поминеш месецот.

Ако сакаме да не почитуваат работодавачите, треба прво да се почитуваме ние работниците меѓусебе, во спротивно нема да одиме на подобро. 

Сметам дека работите треба да се гледаат од малку поширок аспект, за да се види реалната слика, а не само да се осудува. Не залудно е онаа позната поговорка – „Не ја суди книгата по нејзините корици“.