ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Нископлатените индустрии да бараат чаре – Новите професии пополека им ги земаат работниците

Бобан Илијевски

Јасно е како ден дека голем дел од македонските квалификувани работници се одлеваат во високо развиените економии, но исто така тие се одлеваат и внатре во државата – од едни професии во други. Тоа може да значи дека се насочуваат и кон новите дигитални и онлајн професии коишто се појавија од неодамна, но и ќе продолжуваат да се појавуваат и во иднина. 

„На новите технологии им се потребни работници, па и поради тоа се добро платени“

Универзитетскиот професор по трудово право и еминентен експерт во областа, Проф. Д-р Лазар Јовевски за порталот Работник вели дека станува збор за глобален тренд кој не ја одминува ниту Македонија, иако кај нас не е толку изразен тој процес на одлив од едни во други професии, односно од нископлатени во високоплатени професии. 

Луѓето сами одлучуваат да се преквалификуваат и тоа на разни начини. Некои преку формално, други преку неформално образование, трети преку пракса, итн. Веројатно понудата на курсеви, академии и сл. е широка бидејќи има лица кои ги посетуваат истите со цел да најдат нова работа, вели Јовевски. 

Тој истакна дека доколку се погледнат понудите за академии и курсеви ќе се воочи дека најголем дел се за дигитални вештини, дигитален маркетинг, програмирање, мултимедија…, додавајќи дека на новите технологии им се потребни работници, па и поради тоа се и добро платени. 

Сето ова го гледам како добар тренд доколку придонесува во продуктивноста на домашната економија. Дури и оние кои од далечина работат за странски компании, дома носат приход кој претпоставуваме дека во најголем дел,го трошат на домашниот пазар, посочи Јовевски. 

Би било добро доколку одливот тече од непродуктивни, застарени професии кон нови, технолошки напредни, дигитални итн.

Прашан за тоа во кои професии најмногу би се одлеале работници и дали тоа има можност да бидат нетипичните професии кои ги создава дигитализацијата, вештачката интелигенција и интернетот, Јовевски истакна дека најмногу работници се одлеваат во технологиите на новото време. Според него, би било добро доколку одливот тече од непродуктивни, застарени професии кон нови, технолошки напредни, дигитални итн. 

Овој тренд не е лесно да се исконтролира, бидејќи живееме во слободна пазарна економија. Ја немаме можноста за строго планирање како на пример што беше во времето на социјализмот. Постарите генерации можеби ќе се сетат на, ако може да ја наречам присилната миграција на луѓето од село во град, кога во социјалистичкиот систем беше одлучено да се создаде „човекот на новото време“, односно од земјоделец или сточар државата да го/ја преквалификува во индустриски работник, истакна Јовевски. 

Од друга страна, вели експертот по трудово право, дека добро во слободниот пазар е тоа што човекот има слобода да одлучи каде ќе гради кариера, и на тој начин да го работи тоа што го сака. Нагласи дека висок е ризикот да се преквалификуваат и работници од сектори каде се потребни, но дефицитарни, бидејќи тогаш се создава нов јаз и нови проблеми на пазарот на труд. 

Ако не успеат да ги мотивираат постојаните работници да останат во работен однос, како тогаш би привлекле нов кадар со ниските плати?

На прашањето за тоа дали очекува во блиска иднина, индустриите кои имаат најмали плати да бидат принудени да ги зголемат поради одливот на нивни работници во поплатените професии, Јовевски наведе дека додека траела ковид кризата, еден од најголемите проблеми во сите земји во светот било губењето на работните места.

Отприлика две години подоцна, кога компаниите почнаа повторно да се консолидираат се соочија со недостиг на кадарот кој со години работел кај нив и кој бил значаен за нивната продуктивност. Тогаш тие почнаа да прават долгорочни стратегии за да ги вратат работниците на своите работни места, истовремено вработувајќи и нови. Верувам дека со слична ситуација ќе се соочат и индустриите каде платите се ниски, бидејќи работниците имаат можност да се стекнат со нови вештини и знаења за да се преквалификуваат и да преминат на подобро платени работни места, објасни Јовевски. 

Негова препорака е компаниите кои работат во вакви индустрии да гледаат пред времето и да направат стратегија и план за навремено да го спречат губењето на нивните драгоцени квалификувани работници.

Тој заклучи со тезата: 

Ако не успеат да ги мотивираат постојаните работници да останат во работен однос, како тогаш би привлекле нов кадар со ниските плати?

Колку за пример, само во дејноста Информации и Комуникации, од првиот кваратал од 2020 до првиот квартал од 2022 година бројот на вработени е зголемен за 3,067, односно од 18,069 на 21,136. Од друга страна, бројот на работниици во индустријата постојано опаѓа. 

Фото: Thinkstock

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk