НИ УМИРААТ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА: 15 работници загинале во 2023, речиси 100 биле повредени
Ако се земе предвид прогнозата на Меѓународната организација на труд која предочува дека 4 % од БДП-то во сиромашните земји одат во компензации на повреди при работа, во нашиот случај, како што велат од МЗЗПР, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика од 2021 за Бруто домашниот производ кој тогаш изнесувал 11.7 милијарди евра, директните загуби би биле некаде околу 468.000.000 евра.
15 работници загинале, а 93 се повредиле на своите работни места во 2023 година, покажува новиот Извештај за несреќи при работа кој по повод 28 април – Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа го презентираше Македонското Здружение за заштита при работа.
Антрфиле: Инаку, денеска во чест на загинатите МЗЗПР со поддршка на Општина Аеродром, компаниите Кнауф Радика АД, Дебар, Комфи Ангел од Прилеп и социјалниот партнер Конфедерација на слободни синдикати на Македонија, во паркот на ул. Пандил Шишков, Општина Аеродром посади 15 дрвца – бројот на новите садници го отсликува бројот на загинатите на работните места во текот на 2023 година.
„Во 2023 година успеавме да забележиме јавно објавени во електронските и печатените медиуми, како и искомуницирани до нас како Македонско здружение за заштита при работа вкупно 93 несреќи при работа. Би сакале да потенцираме дека оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работно место“, стои во извештајот на МЗЗПР.

Податоците кои успеале да ги приберат и систематизираат покажуваат дека во 2023 година имало 15 несреќи при работа со фатални последици. Стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 2,16, односно на секои 100,000 вработени, 2-јца вработени загинале на работните места во 2023 година, посочува извештајот и додава дека оваа стапка на смртност е во благ пад во споредба со 2022, кога изнесувала 3,17.
Кај повредите при работа пак, стапката во 2023 година изнесувала 13,42, што покажува дека на секои 100,000 вработени, потешко се повредуваат околу 13 до 14 вработени. И тука има пад во споредба со минатата година, кога стапката изнесувала 21,21.
Скопје предничи пред другите градови по бројката на несреќи при работа
Податоците во извештајот на МЗЗПР покажуваат дека најмногу се гине во Скопје. Таму во 2023 година се случиле 3 несреќи со смртен исход и 30 повреди при работа. По него следуваат Битола и Прилеп.

Градежништвото „одзело“ најмногу животи
„Во 2023 година, најмногу несреќи има во Преработувачката индустрија – 29, по што следуваат Градежништвото и Јавна управа и одбрана – 22. Најголем број на несреќи кои резултирале со смрт има во дејностите на Градежништво – 7, Дејностите на домаќинства како работодавачи – 3 и Преработувачката индустрија и Рударство по 2“, стои во извештајот на МЗЗПР.
Дејностите на домаќинства како работодавачи, како што се објаснува во извештајот, во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти.
„Доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се препишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така, градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше зголемен број на повреди и смртни случаи, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа“, се вели во извештајот.
Во извештајот се наведува и дека поради тоа што во различни дејности постојат различни инспекциски служби кои се надлежни за увид на несреќите при работа, постои можност за разлика во бројките за несреќи кои ги водат различните институции.

Недостатокот на информации оневозможува да се увидат причините за несреќите
Од МЗЗПР во извештајот потенцираат дека поради потребата од детална истрага и анализа за да се утврдат вистинските причинители за секоја повреда или смртен случај, не се во можност да направат соодветна класификација.
„Најчесто од нашите извори (медиумите) немаме целосни податоци за причинителот на повредата или целосен и точен опис на настанот. Ова ќе можеме да го класифицираме во моментот кога за извори на податоци ќе имаме релевантни податоци согласно одредена методологија за водење на податоците за несреќи.“
Најмногу се гине во петок
Со оглед на тоа што МЗЗПР објавува податоци кои се однесуваат на сите дејности согласно Националната класификација на дејностите (НКД), постои изедначеност на несреќите по денови. Поради тоа, несреќи при работа има и во сабота и недела.
„При оваа анализа утврдено е дека најголем број на смртни случаи имало во петок – 7, по 2 понеделник, четврток и сабота. Исто така, најголем број на повреди имало во петок, додека во другите денови од неделата бројката се движи помеѓу 11 и 14 повредени.“

Април е месецот на повредите, септември на смртните случаи
Анализата на МЗЗПР на несреќите при работа, по месеци, покажува дека истите најмногу се случиле во април – 18. Бројот на смртни случаи пак, најголем е во септември – 3, додека февруари и август се без регистрирани смртни случаи.
Заклучокот на здружението е дека несреќите за кои во минатите години предничеле летните месеци, во 2023 година се во благ пад, додека во другите месеци бројката е прилично изедначена.

Најголемиот број од загинатите биле на возраст од 35 – 44 години
Според податоците на МЗЗПР, најголем број несреќи – 20, се случиле на лица на возраст помеѓу 35 – 44 години.
„Најголем број на несреќи со фатален исход – 5 има во категорија од иста возраст од 35 до 44 години. Но и во категориите од 18 до 64 години се забележува дека таа бројка е слична со категоријата 35 – 44 години, односно несреќите се случуваат и на искусните работници, како и на помладите и по неискусни“, стои во извештајот.

Се напоменува дека за голем број на несреќите немаат податоци за возраста.
Сите се мажи…
Согласно податоците на здружението, и оваа година поголемиот број на повреди и смртни случаи спаѓаат во категоријата мажи. Од вкупно 108 несреќи, 6 од нив спаѓаат во категоријата жени, што е повеќе од 2022 година кога биле забележани 4 повреди кај жените работнички.

Во извештајот на МЗЗПР објавена е и табела во која се споредуваат податоците на здружението, Државниот инспекторат за труд и Институтот за јавно здравје.

Од МЗЗПР нагласуваат дека целта на извештајот е поттикнување на оние кои учествуваат во овој процес да вложат максимален напор кон добивање на усогласени податоци за реалната состојба во областа на водење евиденции во сферата на безбедноста и здравјето при работа.
Ако се земе предвид прогнозата на Меѓународната организација на труд која предочува дека 4 % од БДП-то во сиромашните земји одат во компензации на повреди при работа, во нашиот случај, како што велат од МЗЗПР, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика од 2021 за Бруто домашниот производ кој тогаш изнесувал 11.7 милијарди евра, директните загуби би биле некаде околу 468.000.000 евра.
„Можеби ова е единственото логично објаснување зошто Македонија и понатаму, покрај сѐ, е таму каде што е и зошто не може да излезе од бедата во која се наоѓа“, констатираат од МЗЗПР.

