Нови огласи за поддршка на невработени лица и компании кои отвораат работни места
Агенцијата за вработување ги објави новите огласи кои се наменети за поддршка на регистрирани невработени луѓе и за компании кои отвораат нови работни места.
Активните баратели на работа кои се регистрирани во Агенцијата за вработување кои сакаат да започнат сопствен бизнис, можат да се пријават за учество во Проектот за самовработување со кредитирање. Невработеното лице може да добие кредит од најмалку 5,000 евра до најмногу 10,000 евра, по негов избор како кредитобарател, а за секое новоотворено работно место дополнително по 5,000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, вклучувајќи го и кредитобарателот, односно до 30,000 евра, независно од тоа дали станува збор за дејност со помал или поголем обем.
Проектот за отворање на нови работни места во правни субјекти, микро, мали и средни претпријатија, кои сакаат да го прошират и развијат својот бизнис преку користење на кредитни средства е наменет за фирми регистрирани најмалку 6 месеци со 1 вработено лице на денот на аплицирањето. Пријава за учество во овој Проект можат да достават и невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа кои не биле во работен однос кај истиот работодавач кој аплицира за учество, најмалку 1 година пред денот на аплицирањето.
Компаниите можат да добијат кредит во износ од 5,000 евра за секое новоотворено работно место, без ограничување на бројот на лица што може да ги вработи.
Компаниите кои ќе вработат невработени лица на полно работно време, имаат обврска да ги задржат три години од основањето на работниот однос.
Брањата за кредит се поднесуваат во работните клубови на Центрите за вработување, секој работен ден од 9 до 14 часот.

