Нови цени на горивата од полноќ
Граѓаните вечерва ќе дознаат дали горивата повторно ќе поскапат или ќе следува смирување на цените, откако Регулаторната комисија за енергетика треба да ја донесе најновата одлука за малопродажните цени на бензините и дизелот.
Во изминатиот период цените бележат постојани промени, а минатата недела беше регистрирано ново зголемување. Бензините поскапеа за неколку денари по литар, додека дизелот исто така доби повисока цена, што дополнително ги зголеми трошоците за превоз и секојдневно функционирање.
Новите цени традиционално се соопштуваат во текот на понеделникот и почнуваат да важат од полноќ.
Во меѓувреме, движењата на светските берзи и понатаму влијаат врз домашниот пазар. Цената на суровата нафта последниве недели осцилира поради неизвесностите на глобално ниво, особено поради состојбите на Блискиот Исток и стравувањата од можни нарушувања во снабдувањето.
Од Владата уверуваат дека внимателно ја следат ситуацијата и дека засега остануваат активни мерките и договорените попусти со рафинеријата ОКТА, кои треба да важат до средината на месецот.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека Македонија и натаму има едни од најниските цени на горивата во регионот и дека граѓани од соседните земји често доаѓаат токму тука за да наполнат гориво по пониски цени.

