Останато

Ова се најбрзо растечките работни места во Европа за 2024 – Кои вештини најмногу се ценат?

LinkedIn спровел истражување во кое ги анализирал милионите работни позиции на кои неговите членови започнале помеѓу 1 јануари 2019 и 31 јули 2023, со цел да ја пресмета стапката на раст за секое работно место.

Пазарот на труд во Европа поминува низ брза трансформација бидејќи конкуренцијата за занимањата двојно се зголемила во минатата година, а се појавиле и нови позиции кои не постоеле до пред 20 години, покажало новото истражување на LinkedIn.

Гледајќи кон годината која е пред нас, најбрзо растечките позиции се поврзани со одржливоста, вештачката интелигенција (ВИ) и развојот на бизнисот, предвидува социјалната мрежа насочена кон вработување.

Откриле дека две третини (67 %) од европските стручњаци оваа година размислуваат да ја променат работата, иако конкуренцијата на пазарот на труд е сѐ поголема.

Во 2022 година имало само едно отворено работно место за отприлика секои два активни кандидати во Велика Британија и Франција на LinkedIn, иако сега постои само едно работно место за секој четврти кандидат.

Процентуално, 37 % од европските професионалци велат дека бараат поголеми плати, за да се изборат со кризата на трошоци на живот, додека 19 % велат дека се посигурни во своите способности и сакаат да пронајдат подобра работа и компанија за развој на кариерата.

Кои работни места се во пораст?

Најбрзо растечките работни места се разликуваат во различни европски земји, но заедничкиот тренд покажува дека тие кои се поврзани со вештачката интелигенција, одржливоста и сајбер безбедноста се во пораст, бидејќи компаниите се борат со главните трендови кои влијаат на економијата.

Називите на бараните работни места вклучуваат: Менаџер за одржливост, Инженер за вештачка интелигенција и Аналитичар за сајбер безбедност.

Во 2024 година, јасно е дека ВИ и одржливоста се двата од главните двигатели кои суштински го менуваат пазарот на труд – со тоа што компаниите сѐ повеќе сакаат да вработат професионалци со зелени и ВИ вештини, рекол генералниот директор на LinkedIn за Европа и Јужна Америка, Џош Граф.

Работните места во овие области се едни од најбрзо растечките ширум Европа, додал тој.

Петте најбарани позиции во Обединетото Кралство се: менаџер за одржливост, претставник за развој на продажба, аналитичар за безбедност (проценува поединци и компании за да го утврди нивото на ризик), главен службеник за приходи и стоматолошки терапевт.

Усогласувањето на вештините со позициите може да биде тешко

Во извештајот исто така се наведува дека многу професионалци се борат со откривањето на тоа како своите вештини да ги усогласат со посакуваните работни места, со оглед на брзото темпо на промени.

Згора на тоа, 55 % од менаџерите за вработување ширум Европа веруваат дека на нивните компании им недостигаат квалификувани кандидати, бидејќи им фалат традиционални квалификации.

Многу од овие работни места не ни постоеле пред 20 години, а со оглед на тоа дека пазарот на труд продолжува да се менува со голема брзина, приспособливоста мора да им биде на прво место на бизнис лидерите, рекол Граф.

Додека иницијативите за учење и развој често се доживуваат како примамливи, иницијативите за усовршување и преквалификација сега ќе бидат клучни за привлекување и задржување на работната сила, како и за сигурноста дека вашите вработени имаат вештини потребни за приспособување на променливиот свет на работа.

Извор: BIZLife

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk