ОВИЕ РАБОТНИЦИ БЕА НАЈМНОГУ ПОГОДЕНИ ОД КРИЗАТА – Што прави Владата за да им помогне?
Сите Влади до сега се обрзуваа дека ќе ја намалат или дека ќе ја формализираат неформалната економија, но досега никоја од нив не успеја да го направи тоа. Неформалната економија е пандан на формалната економија и во светски рамки, половина од глобалната работна сила работи во неформалната економија. Ова го укажуваат податоците на Меѓунардоната организација на трудот – МОТ. Оваа организција има сопствена стратегија за формализирање на неформалната економија во своите земји членки, преку која се обидува да ја намали непријавената работа.
Што е неформална економија?
Едноставно објаснето, оние коишто работаат непријавени и земаат плата на рака, спаѓаат во неформалната економија. Она што за истите работници е најголем проблем, е тоа што не им тече работен стаж, а со тоа го губат правото да земат старосна пензија откако ќе ги исполнат критериумите. Во некои случаи, тие немаат ниту здравствено осигурување. Треба да се нагласи дека и работниците од неформалната економија беа едни од најпогодените од пандемијата од Ковид -19, со тоа што голем дел од нив останаа без работа. Од друга страна, некои од компаниите се дел од неформалната економија поради тоа што не им плаќаат придонеси на нивните вработени, но избегнуваат и плаќање на даноци. Во Македонија се проценува дека истата, според различни податоци, изнесува од 15 до 20 %. Најмногу таа е застапена во две гранки од приватниот сектор: градежништвото и угостителството и туризмот, но тоа не значи дека ја нема и во другите гранки од приватниот сектор.
18 % од вработените во приватниот сектор работат непријавени
Од Стопанската комора на Македонија за порталот Работник велат дека според различни проценки и истражувања, сивата економија изнесува околу 15-20 % од БДП во развиените економии и околу 30-35 % од БДП во економиите во развој.
Посочија дека во Македонија директните и индиректните истражувања на сивата економија покажуваат нејзино учество меѓу 20 и 40 % од БДП. Во делот на вработеноста, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат стапка на неформална вработеност од 18 % (вработени кои не се пријавени).
„Кризата со COVID 19 дополнително ги зголемува ризиците од зголемување на сивата економија и последиците од кризата врз претпријатијата и врз лицата кои се вклучени во сивата економија. Имено, во Македонија, како и во другите земји од регионот на Западен Балкан, учеството на претпријатија, самовработени и на лица кои работат, а кои не се пријавени, е повисоко отколку во земјите од ЕУ. Во услови на криза е уште потешко да се таргетираат мерки за државна помош и за овие лица, односно конвенционалните мерки за државна помош не можат да ги опфатат овие лица и претпријатија. Дополнително, во насока на преживување на фирмите и на намалување на трошоците, зголемен е ризикот од зголемена исплата на плати надвор од формалните канали, односно „на рака“ и без формален договор“, велат од Стопанската комора.
Според нив, потенцијалните мерки за справување со сивата економија се класифицираат во две групи: репресивни и стимулативни.
Во досегашната пракса, во Македонија велат, доминираат репресивните мерки, кои опфаќаат контроли и зголемени казни за претпријатијата и за лицата кои се дел од сивата економија.
Сепак, како што велат, искуствата од понапредните земји покажуваат дека за успешна борба против сивата економија потребен е сеопфатен пакет на реформи, кој ќе обезбеди подобра рамнотежа меѓу репресивните и стимулативните мерки.
Нагласуваат дека ова е особено потребно во услови на кризата со COVID 19 кога потпирањето само на репресивните мерки ќе резултира со дополнително зголемен број банкротирани фирми и невработени лица.
Мерките можат да се движат од регулаторни и институционални реформи до даночни политики и администрација. Според Стопанската Комора на Македонија мерките за намалување на неформалната економија треба да вклучуваат:
- намалување на регулаторните и на административните оптоварувања преку драстично поедноставување на процедурите, намалување на бројот и на комплексноста на регулативите и сл.;
- намалување на давачките, особено во делот на парафискалните давачки, кои финансиски ги оптоваруваат фирмите, но и во смисла на потрошено време;
- даночни или други стимулации за поголемо користење на електронските плаќања, со цел да се намалат неформалните форми на плаќање, но потребна е и контрола врз нелојалната конкуренција на електронската трговија во однос на микро и на малите претпријатија;
- поедноставување на процедурите во делот на плаќањето даноци, пријавување работници и сл., особено за малите и за микро претпријатијата;
- поголема флексибилност на регулативата за краткотрајно ангажирање работна сила, што е особено значајно за угостителството, туризмот, трговијата и за градежништвото, со цел намалување на бројот на непријавени работници;
- реформи на релевантните државни институции, пред сѐ на инспекциските служби; подобра екипираност и координација на инспекциските служби и примена на т.н. „инспекција базирана на проценка на ризичност“, со цел да се намалат бројот и времетраењето на инспекциите и соодветните трошоци за фирмите, и
- поголема координација на социјалните партнери – Владата, бизнис-секторот и синдикатите – во насока на промовирање општествени норми и вредности за поддршка на борбата против сивата економија.
Што прави Владата за да ја намали неформалната економија и со тоа непријавената работа?
Порталот Работник упати прашања на адреса на Владата на Р. Македонија, со цел да ја информира јавноста што прави Владата во поглед на формализирање на неформалната економија и дали ја спроведува стратегијата за истото.
Од Владата рекоа дека еден од нивните стратешки приоритети е намалувањето на неформалната економија, вклучувајќи го и намалувањето на бројот на непријавени работници, поради што, како што велат, во 2018 година се донела првата среднорочна стратегија за формализација на неформалната економија 2018 – 2022 со акциски план за периодот 2018 до 2020 година.
„Како четири стратешки цели содржани во Стратегијата за формализација на неформалната економија се: унапредување на процесот на мерење, следење и детекција на неформалната економија, подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите, стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности и јакнење на даночниот морал и намалување на толеранцијата кон неформалната економија“, велат од Владата.
Истакнаа дека продолжижила имплементација на проектот за „Подобрување на условите за работа“ кој се спроведува од ноември 2019 година во рамки на ИПА II.
Проектот, како што велат, има за цел да обезбеди поддршка, на институциите и социјалните партнери во државата во справување со предизвиците поврзани со непријавената работа и обезбедувањето и промовирањето на праведен и еднаков третман за сите работници во однос на работните услови и подобро усогласување помеѓу меѓу семејниот и професионалниот живот и намалување на родовата дискриминација на работното место.
Велат дека една од главните компоненти на овој проект, се однесува на јакнење на националните капацитети за подобрување на состојбите во земјата во делот на идентификување, мерење и справување со неформалната економија и неформалното вработување.
„Дополнително, во делот на подобрување на состојбите во однос на неформалната економија и неформалното вработување, во соработка со GIZ (германска организација за одржливо развивање), во периодот од ноември 2019 година до октомври 2020 година се имплементира Проектот за ‘Зголемување на можностите за вработување за сезонски работници“, во рамки на кој се направи детална анализа на сезонските вработувања во земјоделието и угостителските објекти, а се дадоа и препораки за законското дефинирање на сезонско/флексибилно вработување“, рекоа од Владата.
Наведоа дека Стратегијата е изготвена од страна на Министерството за труд и социјална политика. Во согласност со Стратегијата, велат, Министерството за финансии изработило Акциски план во координација со МТСП.
Акцискиот план се фокусира на шест приоритети:
- Унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сива економија;
- Ефикасни инспекциски служби;
- Подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите;
- Јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночен морал;
- Адресирање на сивата економија во е-трговија;
- Мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија.
Потенцираат дека во Акцискиот план наведено е дека неговото усвојување е резултат на заложба на државата да ја сведе сивата економија на ниво што е социјално и економски прифатливо, додавајќи дека треба да се земе во предвид дека нема земја каде што сивата економијата, како феномен, не постои.
„Одговорност е на државата да ја подобрува правната и економска околина во која најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се по принципите на рамноправност, објективност и транспарентност, преку обезбедување на јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување на санкции за оние кои не ги применуваат и почитуваат“, заклучуваат од Владата.
Бобан Илијевски

