Останато

ОД ФРИЛЕНСЕР ДО КО-СОПСТВЕНИК НА КОМПАНИЈАТА „СМАРТКЛИК“: Интервју со Бранко Илишев

Во денешното интервју разговараме со еден млад македонски претприемач и поранешен фриленсер. Станува збор за Бранко Илишев, ко-сопственик на компанијата Смартклик.

Со оглед на тоа дека ова е прво интервју со него, на почетокот го прашавме да ни каже нешто повеќе за својата биографија.

„Имам 30 години, роден сум и живеам во Струмица. Ко-сопственик сум на Смартклик – веб и SEO (Search Engine Optimization – оптимизирање на содржини за интернет пребарувачи, како на пр. Гугл) компанија која им помага на бизнисите да ја зголемат својата продажба за два, пет, па дури и десет пати во рок од една година“, објасни Илишев.

Компанијата Смартклик има за цел да ги позиционира клиентите на Google како лидери во индустријата, а со тоа на истите им се отвора дополнителен канал за привлекување на идеалните клиенти.

Во однос на SEO, Илишев посочи дека со оваа професија се запознал за време на студентските денови.

„Најпрво започнав со работа и учење на сопствени проекти, а потоа моето знаење го тестирав и во компанија која стриктно се бавеше со тоа. Работам и се надоградувам веќе цели 10 години“, рече Илишев.

Илишев пред да стане претприемач, има работено и на платформи за фриленсери, па го прашавме да ни каже нешто повеќе и за неговото искуство со овие платформи.

Тој објасни дека во 2016/17 се регистрирал како фриленсер на платформата Upwork и преку неа работел цели три години.

„Работењето како фриленсер најмногу ми помогна да стекнам искуство и да станам експерт во областа, бидејќи преку проектите се сретнав со различни проблеми на кои макотрпно работев. На почетокот се соочував со различни проблеми, а сите тие ми беа нови предизвици“, посочи Илишев.

По работењето како фриленсер, Илишев одлучил да навлезе во претприемачите води. Но, како од фриленсер станал претприемач?

„Уште кога работев како фриленсер на крајот од 2018 и почетокот на 2019, секојдневно размислував за мојата иднина. Како фриленсер не можев долго да останам да работам, бидејќи секој ден работев повеќе од 10-12 часа, дури и преку викенд. Едноставно не можев сѐ сам да постигнам. А и комуникацијата со клиентите и веб-девелоперите во доцните часови ме исцрпуваше“, истакна Илишев.

Во тој период, објасни нашиот соговорник, се запознал со Милан Савов, кој тогаш работел како фриленсер – експерт во областа на креирање веб страни на WordPress платформата. По неколку состаноци со него, и двајцата увиделе дека се соочуваат со исти проблеми, па решиле да направат соработка и да понудат нешто поразлично на пазарот. Нивната соработка е темелот врз кој е создадена компанијата Смартклик.

Следно, нашиот соговорник го прашавме како се движела транзицијата од фриленсер во претприемач.

„Транзицијата беше доста тешка, бидејќи се отвораат сосема различни проблеми со кои не се сретнувавме порано. Имавме проблеми во организацијата, со креирање на системи и процеси и ни требаше доста време да ги усовршиме истите“, рече Илишев.

На почетокот, како што рече нашиот соговорник, им било тешко и да дојдат до клиенти, со оглед на тоа дека и двајцата биле познати само на Upwork, а надвор од платформата никој не ги познавал.

Се соочиле и со другите компании кои работат на истиот пазар – конкурентите.

„Влегуваш во конкуренција со компании кои нудат исти или слични решенија, а веќе подолго време постојат на пазарот. На почетокот работевме многу напорно за да се издвоиме од конкуренцијата. За среќа, нашата поранешна соработка со клиенти како поединци (фриленсери) ни носеше доста препораки, кои подоцна станаа и наши клиенти“, објасни Илишев.  

Компанијата Смартклик, рече нашиот соговорник, не се бави само со изработка на веб страна оптимизирана за пребарувачите, туку е повеќе како соработник кој им помага на бизнисите да се искачат едно скалило погоре.

„Тоа значи дека им помагаме на бизнисите да ги дефинираат нивните идеални клиенти, да допрат до нив, а со тоа и да ги подобрат своите продажни вештини. Или објаснето со други зборови – им помагаме да се издигнат и да бидат позиционирани како лидери во индустријата. Мисијата на нашата компанија е да го зголемиме животниот стандард на нашите вработени и клиенти“, наведе Илишев.

На крајот од интервјуто, го замоливме да им даде неколку совети на сите оние кои имаат аспирации да станат претприемачи.

Прво е важно, да се воочи проблемот на потенцијалната клиентела, кои се нивните предизвици и што треба да очекуваат од соработката/продуктот. Сето, ова треба да се дефинира како ваш ИДЕАЛЕН КЛИЕНТ, вели Илишев.

Во продолжение уште неколку негови совети:

  • Бидете поразлични од вашите конкуренти и понудете решение кое ќе ги надмине проблемите на вашиот идеален клиент, а со тоа вашите клиенти ќе ве препорачат на нивните роднини/пријатели.
  • Не се фокусирајте премногу на конкуренцијата т.е не правете го сето тоа што го прави вашата конкуренција, бидејќи не знаете која е нивната цел и таргет група.
  • Често ќе добивате совети и идеи од  пријатели/роднини, бидете спремни да ги одбивате тие совети, бидејќи може да не се компетентни за вас и да ве насочат во погрешна насока.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk