ЕкономијаНовостиСветот на работникот

Отворен Балкан: Дали на работниците ќе им овозможи поголеми плати и подобри услови за работа?

   Време за читање 4 минути

Бобан Илијевски

Иницијативата Отворен Балкан во чиј склоп влегуваат Република Македонија, Република Србија и Република Албанија, според претставниците на државите, е партнерство кое би ја зголемило во најголем дел економската соработка.

Порталот Работник побара став од Владата на Македонија за тоа колку Отворен Балкан може да придонесе за подобра економска положба на работниците. Од таму ни одговорија дека потребата за постоење на Отворен Балкан е втемелена во четирите основни начела на Европската унија, меѓу кои и спаѓа слободен пристап до пазарот на труд.

Од Владата истакнаа дека соработката во однос на пазарот на труд е во напредна фаза, како и дека потпишан е договор. Додадоа дека во процес е усогласувањето на протоколот за прецизирање на сите детали за оваа можност. Според Владата, ова е значајна придобивка и можност за нови искуства и повеќе шанси за напредок и доусовршување во струката.

Кога ќе се заокружи процесот во следниве месеци младите луѓе повеќе нема да имаат административни бариери својот капацитет, заработка и простор за унапредување да го остваруваат под европски услови како дома така и во некоја од земјите кои се дел од Отворен Балкан, рекоа од Владата.

Отворениот пазар на труд е основната придобивка која не прави поконкурентни во овој контекст, објаснија од Владата, посочувајќи дека пазар од 2 милиони и 11 милиони е многу различно. Од Владата, во Отворен Балкан гледаат можност за директни странски инвестиции кои, како што, велат значајно би ја подобриле економската состојба на граѓаните.

Да бидеме пластични. Можеби во вашата струка нема слободно работно место во Куманово, но има голема корпорација која отворила седиште во Врање. Сега не ве спречува ништо да заработувате европски, без бирократски препреки во смисла на престој, виза, работна дозвола и слично, а притоа да живеете дома. Тој тип на внатрешна миграција ни е веќе познат, имаме голем број на граѓани кои живеат во соседните градови од Скопје, а работат во Скопје, истакнаа од Владата.

Според нив, продлабочувањето на соработката и отворањето на границите ќе биде стимул за отворање на нови процеси кои се однесуваат на унапредување на работните вештини и размена на искуства во нови работни средини. Потенцираа дека сите овие процеси се градат и унапредуваат врз основна на темелните европски вредности.

Пазар од 2 милиони и 11 милиони е различно, но и плата од 600 евра и 2,600 евра е различно

Мора да се има во предвид дека граѓаните најмногу заминуваат од државата поради ниските плати. Земајќи во предвид дека просечната плата во Македонија е 505 евра, во Србија 600 евра и во Албанија околу 513, а во Германија и Италија е 2,665 евра односно 2,400, се поставува прашањето дали македонските работници би оделе да работат во некоја од државите кои се дел од Отворен Балкан.

Секако, во делот на усовршувањето на вештините и размената на работни искуства, како и странските директни инвестции Отворен Балкан би можел да придонесе во голема мера, но со оглед на тоа дека на најголемиот дел од граѓаните приоритет им се платите, односно можноста да заработат повеќе пари, многу тешко е дека тие би отишле да работат во некоја од овие две земји. Доколку се забележи и трендот на досегашното иселување, тезата која е спомената погоре повторно се потврдува.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси