Светот на работникот

Откази, инфлација, хаос? Еве како да останете присебни и финансиски стабилни

Во последно време, медиумите се преполни со алармантни наслови. Потезите на Доналд Трамп, особено неговото постојано менување на одлуките околу воведување царини, предизвикаа вистински метеж на берзите и дополнително ги зголемија стравовите од рецесија – и кај граѓаните и кај бизнисмените.

Затоа е сосема разбирливо ако вашата прва реакција е – паника.

„Нема сомнеж дека денешните наслови се брзи, жестоки и застрашувачки“, вели Мери Клементс Еванс, сертифициран финансиски планер и експерт за финансиско однесување, пишува CNBC.
„Имаме тенденција да мислиме дека ако доволно се грижиме, ќе успееме да се заштитиме од лоши работи“, додава таа. „Но, грижата не помага – подготовката помага.“

Иако е тешко да се планира кога не знаеме што нè чека, непотребната загриженост не може да го смени исходот – ни на подобро, ни на полошо. Наместо тоа, Клементс Еванс предлага три едноставни чекори кои можат да помогнат да се чувствувате посигурно во време на економска нестабилност:

Фокусирајте се на она што можете да го контролирате

Првото и најважно нешто е да го насочите вниманието кон она што е во вашите раце. Не можете да спречите рецесија, но можете да се подготвите за неа така што ќе го зајакнете фондот за итни случаи и повторно ќе го преиспитате вашиот буџет.

„Ако во моментов работите и не живеете од инвестиции, однесувајте се како да ви се заканува отказ“, советува таа. „Имајте заштеда во висина од најмалку шест месеци основни трошоци. А ако мислите дека тешко ќе најдете нова работа – и повеќе од тоа.“

Слично советува и милијардерот и автор на бестселери Рамит Сети, кој препорачува заштеда што ќе ги покрива трошоците за дури 12 месеци.

Разбирливо, штедењето за шест месеци, а камо ли една година, може да изгледа како невозможна мисија – особено ако веќе се борите со секојдневните трошоци. Но, секој денар што ќе го издвоите – значи. Најважно е да започнете и да штедите колку што можете.

Не носете финансиски одлуки врз основа на наслови

Можете вие да одлучите кога ќе купите или продадете акции, но штом парите еднаш влезат на берза, немате целосна контрола врз нив. Тоа може да биде фрустрирачки, но повлекувањето пари поради страв од пазарни осцилации најчесто не е вистинскиот потег, предупредува Клементс Еванс.

„Луѓето не прават грешки со парите затоа што се глупави“, вели таа. „Туку затоа што реагираат емотивно.“

Сети се согласува. Вели дека инвеститорите често се обидуваат да го имитираат она што мислат дека богатите луѓе го прават, мислејќи дека тие имаат некакви тајни информации од берзата што другите ги немаат.

Затоа советува – без разлика колку страв ви влеваат насловите – не преземајте драстични финансиски потези, освен ако веќе не се наоѓате во итна финансиска ситуација.

„Една од најважните работи во вакви моменти е да забавите и да дејствувате методично“, вели тој.

Пронајдете моменти за смеа

Бидејќи грижата не решава ништо, Клементс Еванс предлага – направете пауза од лошите вести и пронајдете нешто што ве радува.

„Направете си ‘пауза за смеа’“, вели. „Погледнете нешто смешно, слушнете го омилениот хумористичен подкаст.“

Колку и да е примамливо да не го тргате погледот од вестите, важно е да направите пауза– особено ако веќе сте презеле сè што можете за да се подготвите за потешки денови.

„Отсекогаш сум верувала во моќта на смеењето“, додава таа. „Тоа не значи дека ги затворате очите пред лошите работи или емоции, ниту дека сте неодговорни. Само си давате простор да земете здив.“

Извор: BIZlife