Колумни

Пандемијата изгледа им направи голема беља на работниците, особено на нископлатените

Бобан Илијевски

Неоспорен факт е дека автоматизацијата веќе е започната. Некои земји од Западна Европа и САД веќе започнуваат да вработуваат роботи и машини коишто ги заменуваат нископлатените работници. Корона кризата донесе доста промени на пазарот на трудот. На работодавачите им укажа дека потребно е да го забрзаат процесот на автоматизирање на работните места, бидејќи компјутерот или роботот не може да се зарази од вируси, како Ковид – 19. Колку и да не сакаме да признаеме дека ова се случува, залудно е, бидејќи тоа е реалноста.

Голем дел од истражувањата покажуваат дека огромен број на работни места ќе згаснат, но дека исто така голем број ќе се појават. Имено, според студијата која ја нарачала германската асоцијација за автомобилска индустрија, а ја спровел ИФО институт, во следните четири години ќе исчезнат 200,000 работни места во автомобилската индустрија, поради тоа што истата ќе се префрли на автомобили со електронски мотори и електронски погони коишто се и помалку сложени од оние со внатрешно согорување. Од друга страна 800,000 работници во истата индустрија ќе бидат принудени да се преквалификуваат за други работни места. Ова значи дека ќе бидат погодени и автомобилските индустрии во другите земји, бидејќи најголемиот дел се поврзани. Од друга страна, германските експерти велат дека до 2035 година ќе бидат отворени нови 1,2 милиони работни места и тоа претежно во сектори каде што работните места не можат да бидат заменети од страна на машини, а тоа се образованието, здравството, администрацијата итн. Во суштина, работни места ќе се отворат во јавниот сектор.

Јас многу сериозно ги сфаќам германските експерти, од причина што многупати нивните тези и тврдења се покажале за точни, па затоа стравувам дека ќе има бројни отпуштања од работа, а оние кои ќе бидат отпуштени, ќе немаат друг избор освен да се преквалификуваат за друга професија, во која ќе има слободни работни места.

Исто така едно комплексно прашање коешто го отвори пандемијата е моделот на работа од далечина од кој произлезе уште еден нов начин или модел на работа, а тоа е хибридниот. Пишувајќи и читајќи голем број на текстови и анализи на оваа тема, забележав дека секој ден, се поголем број на работници коишто пред пандемијата работеле во канцеларии, а со започнувањето на истата биле принудени да работат од далечина, сега сакаат да работат на хибриден начин – неколку дена од канцеларија, неколку од дома. Голем дел од работодавачите беа и принудени да го воведат овој модел на работа, поради тоа што вработените во некои земји, како на пример, САД, започнаа да даваат откази поради што беше побарано од нив да се вратат во канцелариите.

Во текстот којшто го објави Дојче Веле, се наведува дека според експертите и во транспортниот сектор ќе биде направена автоматизација, што значи дека нема да бидат повеќе потребни возачи, бидејќи камионите ќе започнат да возат автономно. Ова можеби личи на научна фантастика, но експертите велат дека сме се поблиску до моментот кога сето ова ќе стане реалност. Исто така и адвокатите можат да изгубат работа, поради тоа што правните совети веќе можат да се даваат и на полуавтоматски начин. Ризик од губење на работа имаат и преведувачите, поради тоа што нивните работни места ги „зафаќаат“ програмите како Google Translate или DeepL.

Сето ова укажува дека ефектите од пандемијата со Ковид – 19 врз пазарот на трудот допрва ќе излегуваат на површина.

Тука би сакал да го посочам и истражување кое покажа дека на две третини од компаниите им недостасува кадар. Во самото истражување биле вклучено 45,000 работодавачи во 43 земји и истото покажало дека 69 % од испитаниците изјавиле дека имаат проблеми при пронаоѓање на работна сила. Ова според давателот на услуги за вработување ManpowerGroup е најголем број во последните 15 години.

Од компанијата истакнале дека 15 земји во Европа и Северна Америка предничат во намерите да ангажираат нови работници, притоа тие забележале најголема потреба за нова работна сила од 1962 година, односно од почетокот на редовното годишно истражување.

Компаниите во сите анкетирани земји истакнале дека имаат поголеми можности за вработување до крајот на оваа година, во споредба со последните месеци од 2020 година, пренесе Булмберг.

„Континуираниот недостаток на барани таленти значи дека многу компании имаат приоритет да ги задржат и обучат работниците со вештини кои им се потребни за да успеат додека продолжува економското закрепнување“, изјави Јонас Призинг, извршен директор на ManpowerGroup.

Приближно 40 % од испитаниците рекле дека нудат обука и развој на вештини за да привлечат и задржат таленти. Сличен процент вовеле на флексибилни работни распореди. Речиси една третина ги зголемиле платите, додека други понудиле бонуси за потпишување договори и повеќе време за одмор.  

„Стимулациите варираат во зависност од индустријата, при што компаниите за финансиски услуги нудат обука и развој на вработените и флексибилни работни места, додека производителите се повеќе склони да ги зголемуваат платите или флексибилните работни распореди“, се наведува во истражувањето.

Од горенаведеното многу лесно може да се забележи дека насекаде низ светот, компаниите имаат проблем да најдат кадар. Во Македонија, овој проблем се повеќе се зголемува, со оглед на тоа дека се зголемува бројот на работодавачи коишто бараат работници.