ПравдаСветот на работникот

Побарувањето на неисплатените плати да нема рок на застареност, бараат од Левица

Паричните побарувања на работниците да немаат рок на застареност, односно работниците да можат да си ги побараат неисплатените плати и по истекот на рокот од три години по кој застаруваат платите, бараат од политичката партија „Левица“.

Координаторот на Трудовиот сектор на Левица Александар Димитријевиќ во изјава за порталот Работник ексклузивно открива едно од барањата на партијата, кое како што вели ќе помогне да се унапредат работничките права.

Александар Димитријевиќ, Координатор на Трудовиот сектор на Левица

„Согласно членот 6 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, правата од истото не застаруваат. Согласно оваа одредба, предлагаме во иста мера измена/бришење на членот 15 од Законот за работните односи, со цел паричните побарувања на работниците од работниот однос да немаат рок на застареност, т.е. наместо досегашниот рок на застареност од три години предвиден во Законот, работникот да може во секое време да побара остварување на своите права од работен однос“, вели Димитријевиќ.

Работниците често пати се соочуваат со злоупотреба во однос на ова право, особено во јавниот сектор, објасни Димитријевиќ и додаде дека рокот од три години често е прекраток за остварување на правата бидејќи судските процеси траат со години, па многупати се случува правото на неисплатените плати да застари додека се донесе судската одлуката.

Тој се осврна и на работниците кои се соочуваат со мобинг и имаат страв да побараат судска заштита додека се сѐ уште во работен однос, а по неговото завршување ова право е веќе застарено.

„Тргнувајќи од фактот дека работникот е фундамент на општеството, ваква законска заштита на правата е нужна“, рече Димитријевиќ.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk